Експерт за пожари: Од што била направена изолацијата ако пожарот се проширил толку брзо?

„Искрите од прскалките го запалија тој материјал и пожарот се прошири многу, многу брзо, па не можам да верувам дека таков материјал би бил во согласност со какви било противпожарни прописи“, вели експертот за пожари

Според официјалните податоци, 40 лица загинале, а 119 биле повредени во пожар на новогодишната ноќ во бар во познатиот скијачки центар Кранс-Монтана во југозападна Швајцарија.

Пожарот во барот „Ле Констелашн“ избувнал во 1:30 часот наутро. Властите потврдиле дека во барот имало луѓе од различни националности. Главниот регионален обвинител истакнал дека властите го третираат случајот како пожар и дека е исклучена можноста за напад.

Проблеми со евакуацијата

Се чини дека имало проблем со излезите за итни случаи во барот, изјави за „Скај њуз“ професорот Ед Галеа, основач и директор на Групата за инженерство за противпожарна заштита на Универзитетот во Гринич.

Иако властите изјавиле дека имало два излеза за итни случаи, не е јасно дали ова значело два излеза за бегство од самиот подрум или само од приземјето, нагласува тој.

Тој рече дека е исто така „доста загрижен“ што скалите прикажани на некои од снимките не биле затворени за да ги заштитат луѓето што бегаат по нив.

Необјаснети околности

„Колку што знам, сите жртви биле пронајдени во подрумската област, што значи дека не можеле да излезат од таа област“, ​​вели тој.

Доколку имало друг излез од подрумот, додава тој, се поставуваат голем број прашања. „Дали излезот бил прооден? Дали бил закрчен? Дали бил заклучен? Дали бил блокиран?“

Тој, исто така, изрази сомнежи за соодветноста на акустичната изолација поставена на таванот. „Се чини дека прскалките го запалиле пожарот, но се прашувам од каков материјал бил таванот?“

„Искрите од прскалките го запалија тој материјал и пожарот се прошири многу, многу брзо, па не можам да верувам дека таков материјал би бил во согласност со какви било противпожарни прописи.“

Зачлени се на нашиот е-билтен