Во главниот град на Катар, Доха, денес беа слушнати неколку силни експлозии, непосредно откако израелската армија соопшти дека извршила „прецизен удар“ насочен кон врвот на Хамас. Очевидци опишаа столбови чад над делот Катара; засега нема официјални податоци за жртви.
Израелските одбранбени сили наведоа дека целта била „повисокото раководство“ на организацијата, без да наведат детали за локации или последици. Дел од регионалните медиуми јавија дека биле таргетирани претставници поврзани со преговорите што Хамас традиционално ги води од Доха.
Настанот следи само неколку часа по преземањето одговорност на Хамас за вооружен напад кај автобуска постојка во Ерусалим, во кој загинаа шестмина.
Катар го осуди нападот како „кукавички“ и „флагрантно кршење на меѓународното право“, јави АП, наведувајќи изјава на портпаролот на МНР Маџид ал-Ансари. Официјален биланс и детална верзија на настаните од катарските власти сè уште нема.
Британскиот „Индепендент“ првично објави дека по израелската најава за удар врз раководството на Хамас биле слушнати повеќе детонации во Доха.
Состојбата е во развој; засега останува нејасно дали нападот предизвикал човечки жртви и какви ќе бидат политичко-безбедносните импликации, имајќи ја предвид улогата на Катар како клучен посредник во преговорите Израел–Хамас.