Три жени го загубија животот во тешка експлозија во фабриката „Авангард“ во градот Стерлитамак, во Република Башкортостан, југозападна Русија. Несреќата се случи во петокот, а информацијата ја потврди гувернерот на регионот, Радиј Хабиров.
„За жал, загинаа три лица, сите жени. Меѓу нив беше и млада жена родена во 2002 година. Две од нив оставија зад себе деца. Компанијата ќе обезбеди потребна поддршка и ќе исплати отштета. Изразувам искрено сочувство до семејствата на жртвите,“ објави Хабиров на социјалните мрежи.
Според официјалните информации, пет лица се хоспитализирани – две со тешки повреди, а три со полесни, но нивните животи не се во опасност.
Гувернерот потврди дека една од фабричките згради е целосно уништена и дека немало напад со дрон, како што првично се шпекулираше.
„Истрагата е во тек. Не станува збор за напад, туку за експлозија во објектот. Форензичарите моментално ја утврдуваат причината,“ рече Хабиров.
Фабриката „Авангард“ е дел од рускиот одбранбен индустриски комплекс, што дополнително го зголеми вниманието кон случајот. Властите најавија дека ќе спроведат детална истрага за да се утврди дали несреќата е последица на технички дефект, човечка грешка или безбедносен пропуст.