Екстремистички групи, меѓу кои и таканаречената Исламска држава (ИС), сè почесто користат вештачка интелигенција (ВИ) за создавање лажни содржини и регрутација на нови членови, предупредуваат безбедносни експерти и разузнавачки служби.
Според анализата на Асошиејтед прес во соработка со „Еуроњуз“, милитантните групи почнале да експериментираат со ВИ уште со појавата и широка достапност на алатки како ChatGPT. Во годините што следеле, тие сè повеќе користат генеративни програми за креирање реалистични фотографии, видеа и аудиоснимки, вклучително и т.н. „дипфејк“ содржини.
Експертите предупредуваат дека за екстремистичките организации, ВИ претставува моќна алатка за регрутација, ширење пропаганда, дезинформации и за унапредување на сајбер-напади. На про-ИС интернет-форуми, минатиот месец биле забележани повици до поддржувачите да ја вклучат вештачката интелигенција во своите активности. „Една од најдобрите работи кај ВИ е тоа колку е лесна за користење“, напишал еден корисник на англиски јазик, додавајќи дека разузнавачките служби стравуваат од нејзината улога во регрутацијата и дека тие стравови треба „да станат реалност“.
ИС, која пред неколку години контролираше територии во Ирак и Сирија, а денес функционира како децентрализирана мрежа на групи со иста насилна идеологија, уште одамна ја препозна улогата на социјалните мрежи во регрутацијата и дезинформациите. Според безбедносните аналитичари, затоа не е изненадување што организацијата сега ја тестира и вештачката интелигенција.
За слабо организирани и финансиски ограничени екстремистички групи, па дури и за поединци со интернет-конекција, ВИ овозможува масовно производство на пропаганда и лажни содржини, со што значително се проширува нивниот досег и влијание. „За секој противник, ВИ значително го олеснува извршувањето на разни активности“, изјави Џон Лалиберт, поранешен истражувач во Агенцијата за национална безбедност на САД и сегашен директор на компанијата за сајбер-безбедност ClearVector.
Истражувањата покажуваат дека екстремистичките групи веќе користеле ВИ за ширење лажни слики поврзани со војната меѓу Израел и Хамас, како и за пропагандни видеа по нападот во Русија минатата година, во кој загинаа речиси 140 луѓе. Според SITE Intelligence Group, ИС користела и ВИ за создавање лажни аудиоснимки од свои лидери и за брз превод на пораки на повеќе јазици.
Иако ваквите групи сè уште заостануваат зад држави како Кина, Русија или Иран и понапредните примени на ВИ ги гледаат како „аспиративни“, ризиците се сериозни и се очекува да растат со понатамошната експанзија на евтините и моќни ВИ-алатки. Американското Министерство за внатрешна безбедност веќе ја вклучи можноста екстремистички групи да користат ВИ за развој на биолошко или хемиско оружје во својата најнова проценка на закани.
Како одговор, американските законодавци предлагаат нови мерки. Меѓу нив е и иницијатива со која би се обврзале безбедносните институции редовно да ги проценуваат ризиците од користењето на ВИ од страна на екстремистички организации, како и да се олесни споделувањето информации меѓу технолошките компании и државните органи за злоупотребата на овие технологии.
„Нашите политики и капацитети мора да се развиваат со исто темпо како и заканите на иднината“, порачаа американските претставници, предупредувајќи дека борбата против злоупотребата на вештачката интелигенција е подеднакво важна како и подготовката за конвенционални безбедносни предизвици.