Претседателот на Еквадор Гиљермо Ласо прогласи вонредна состојба во траење од 60 дена во целата земја по убиството на претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио.
„Вооружените сили од овој момент се мобилизирани низ целата национална територија за да ја гарантираат безбедноста на граѓаните, спокојството на земјата и слободните и демократски избори на 20 август“, рече Ласо во обраќањето објавено на Јутјуб.
Осомничениот за атентатот на еквадорскиот претседателски кандидат Фернандо Вилависенсио починал од раните добиени во престрелка, соопшти еквадорското обвинителство на Твитер.
„Осомничениот кој беше застрелан во престрелка со безбедносните сили е фатен и во тешка состојба е префрлен во Обвинителството во Кито. Екипа на Брза помош констатирала смрт“, соопшти државното обвинителство.
Според анкетите, Вилависенсио имаше 7,5 отсто поддршка меѓу гласачите, ставајќи го на петтото место меѓу осумте кандидати кои ќе се натпреваруваат на претседателските избори на 20 август. (МИА)