Емине Ердоган до Меланија Трамп: „Исто сочувство и за децата во Газа“

Првата дама на Турција, Емине Ердоган, ѝ упати писмо на Меланија Трамп со апел САД да покажат исто сочувство кон децата и цивилите во Појасот Газа, како што, според неа, беше демонстрирано кон жртвите на војната во Украина.

Во писмото, Ердоган ја повикува сопругата на американскиот претседател да стапи во контакт со израелскиот премиер и да се заземе за заштита на децата во Газа. Таа се повикува и на претходното обраќање на Меланија Трамп до рускиот претседател Владимир Путин, во кое првата дама на САД изрази загриженост за киднапираните украински деца.

„Верувам дека големата чувствителност што ја покажавте кон 648 украински деца ќе биде покажана и за Газа“, пишува Ердоган, наведувајќи дека во последните две години во Појасот Газа загинале повеќе од 62.000 цивили, меѓу кои околу 18.000 деца. Таа дополнително оценува дека таму не се случува само „геноцид“, туку и „неправда во меѓународниот поредок кој ги цени животите на некои луѓе повеќе од другите“.

„Како мајка, жена и човечко суштество, длабоко сочувствувам со емоциите што ги изразивте во вашето писмо. Се надевам дека ќе имате иста надеж за децата од Газа“, додава Емине Ердоган.

Белата куќа засега не го коментирала писмото.

Зачлени се на нашиот е-билтен