Епидемија ги фати независните кандидати, се повлече и Сашо Пивковски од Општина Могила

Пивковски додаде дека како член на ВМРО-ДПМНЕ, секогаш се водел од идејата за чест, работа и почит кон луѓето

Повлекувањето од изборната трка во вториот круг од локалнте избори, независниот кандидат на Општина Могила, Сашо Пивковски го направи преку фб.

Тој напиша, дека по внимателно размислување и бројни разговори со многумина, одлучил да ја повлече својата кандидатура од изборната трка.

„Ова не беше лесна одлука, но верувам дека е исправна и чесна во овој момент – во интерес на нашата општина и на сите граѓани што живеат во неа. Во изминатиот период слушнав различни мислења, совети и размислувања. Сфатив дека политиката не смее да создава поделби меѓу луѓето, особено не меѓу пријатели и семејства. Нашата сила е во заедништвото, не во поделбите. „ВМРО-ДПМНЕ е мојата партија, мојот политички дом“, напиша Пивковски на социјалните мрежи.

Пивковски додаде дека како член на ВМРО-ДПМНЕ, секогаш се водел од идејата за чест, работа и почит кон луѓето. Така било и ќе остане, пишува тој.

Пивковски најави дека ќе продолжел да го поддржува се она што е било интерес на граѓаните и на вредностите за кои се залага оваа организација.

„Понекогаш, вистинското лидерство не се покажува само кога чекориш напред, туку и кога знаеш кога треба достоинствено да застанеш на страна, за да не му наштетиш на она што го сакаш и почитуваш. Свесен сум дека оваа вест ќе изненади многумина, но ја носам со мирна совест и со чувство на одговорност. Убеден сум дека ова е најдоброто нешто што можев да го направам во овој момент. Ќе продолжам и понатаму да бидам тука – достапен, искрен и подготвен да помогнам секогаш кога ќе има потреба. Вашата поддршка, доверба и добри зборови ќе останат нешто што длабоко го ценам“, напиша Пивковски на фб.

По неговото повлекување, останува само кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Општина Могила, Драганчо Саботковски.

Независниот кандидат за градоначалник на Општина Македонски Брод, Милосим Војнески, кој влезе во вториот круг, на социјалните мрежи објави дека се повлекува од изборната трка. Но, тоа не значи и дека таму нема да има избори на 2 ноември и дека неговото име нема да стои на избирачките листи. Од ДИК појаснуваат дека, законот не препознава откажување на кандидатурата, откако таа е веќе потврдена од изборните органи. Спорно е и откажувањето преку Фејсбук, од причина што некој може и да му го хакирал профилот, но и да поднесе официјално барање до ДИК, тоа нема да смени ништо.

Војнески, кој претходно беше градоначалник на Македонски Брод од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на Фејсбук објави дека се повлекува во корист на неговата матична партија.

„ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија, партија на која ѝ го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето, па сè до денес. Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка. Свесен сум дека оваа моја одлука за многумина ќе биде изненадување, но верувајте, ова е најдоброто нешто што можев да го направам за граѓаните на нашата Општина во овој момент“, напиша Војнески.

Зачлени се на нашиот е-билтен