ЕПП и десницата го блокираа надзорот врз Италија – Мецола под лупа во Европскиот парламент

Во момент кога Брисел им држи лекции за владеење на правото на земјите од Западен Балкан, Европскиот парламент одлучи – зад затворени врати – да не испрати ни минимална мисија за проверка на состојбата со основните права во Италија, држава-членка предводена од премиерката Џорџа Мелони. Одлуката падна на седница на Конференцијата на претседатели, телото во кое седат претседателката Роберта Мецола и лидерите на пратеничките групи.

Предлогот на Комитетот за граѓански слободи да испрати мисија за утврдување на факти во Италија беше отфрлен со гласовите на Европската народна партија (ЕПП), Патриотите за Европа, Европските конзервативци и реформисти и Европа на суверените нации – блокот од десен центар до тврда десница. Против нив, но без доволно сила, застанаа социјалдемократите, либералите, Зелените и Левицата. Во истиот пакет беше откажана и планираната посета на Комитетот за вработување во 2026 година, чија задача беше да ги испита наводите за кршење на правата на работниците во Италија.

Паднат „компромис“: Италија и Шпанија на ист тапет – па ништо

Мисијата во Италија не беше изолиран потег, туку дел од внимателно склопен компромис меѓу ЕПП, социјалдемократите и либералите: покрај надзорот врз десничарската влада на Мелони, требаше да се формира и мисија за владеењето на правото во Шпанија, предводена од левичарот Педро Санчез. Симболиката беше јасна – европската рамка за владеење на правото важи еднакво и за десни и за леви влади.

Но во последен момент, Европската народна партија се повлече од договорот. Официјалното објаснување: Европскиот парламент има „премногу мисии“ и време е да се преразмисли нивниот број и обем. Во превод, компромисот се распадна, а со него и идејата да се испрати сигнал дека Европа не прави политички разлика кога станува збор за проверка на основните права.

За социјалдемократите, либералите и Зелените, ова не беше само техничко прашање. Тие веќе беа револтирани од начинот на кој ЕПП во последните недели гласаше рамо до рамо со десничарските и екстремно десничарските групи – прво при „олеснувањето“ на еколошките обврски за бизнисите, потоа при блокирањето на предлогот Комитетот за правни работи да поднесе тужба против Европската комисија за одбивањето да се реформира патентниот систем.

„Што крие Италија?“ – отворено прашање за Мелони и за ЕПП

Лидерката на социјалдемократите, Ираче Гарсија Перез, јавно порача дека не гледа причина Конференцијата на претседатели да им го врзува рацете на парламентарните комитети. Нејзиното прашање беше брутално директно: „Што крие Италија за да одбие посета на делегација на Европскиот парламент, со поддршка на ЕПП?“

Од страна на Зелените, копретседателката Тери Рајнтке оцени дека седницата на Комитетот за вработување се одвивала во „лоша атмосфера“, обвинувајќи го десноцентристичкиот блок дека се здружил со екстремната десница за две клучни гласaња во рок од десет дена. Во нивната перспектива, не се работи само за Италија, туку за поширока, загрижувачка динамика: префрлање на тежиштето на Европскиот парламент кон десно, на штета на зелени и социјални политики.

Мецола под лупа: неутрална арбитерка или архитектка на десничарски мнозинства?

До скоро, главен „виновник“ за ваквото сојузништво се гледаше во лидерот на ЕПП, Манфред Вебер. Но во последните недели сè почесто под лупа завршува и претседателката на Парламентот, Роберта Мецола.

Германскиот социјалдемократ Рене Репаси за „Политико“ оцени дека Мецола „ефикасно му дава можност на десничарското мнозинство“, додека либерални и зелени европратеници сметаат дека таа ја користи позицијата за да протурка или блокира досиеја според интересите на ЕПП. Како доказ го посочуваат нејзиниот став дека „ако центристичкото мнозинство не може да се усогласи за олеснување на зелените обврски, ќе се бараат алтернативни мнозинства“ – формулација што ја читаат како зелено светло за пакети со десницата и екстремната десница.

Од таборот на Мецола аргументите се спротивни. Нејзиниот портпарол, Јури Лас, потсетува дека улогата на претседателката е да го брани Парламентот и неговите одлуки и дека таа тоа и го прави. Поддржувачите тврдат дека Мецола не делува „на своја рака“ и дека, иако Деловникот не ја обврзува, таа редовно се консултира со Конференцијата на претседатели за секој чувствителен чекор.

Дури и во рамките на социјалдемократите има нијанси: дел од нив признаваат дека Мецола не е „повеќе наклонета кон екстремната десница отколку пред една година“, туку дека вешто се обидува да ги задоволи сите – вклучително и радикалните гласови – за да обезбеди поддршка за сопствениот трет мандат.

Зачлени се на нашиот е-билтен