– Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја поздрави резолуцијата од Арапско-исламскиот самит усвоена вчера во Ријад, со која се предлага да се организира конференција за денуклеаризација во регионот на Блискиот Исток поради нуклеарното оружје на Израел.
Коментирајќи го Арапско-исламскиот самит, Ердоган рече: „За прв пат предлагаме „Конференција за денуклеаризација“ во регионот поради нуклеарното оружје на Израел.
„Прашањето за денуклеаризација е многу важно за да се види кои играчи го поддржуваат Израел. Сега е од голема важност што Организацијата за исламска соработка и Арапската лига се собраа и го презедоа овој чекор (резолуцијата), бидејќи е првпат во историјата на овие организации да се одржи таков состанок“, додаде Ердоган.
Тој рече дека во член од резолуцијата се бара прекин на опсадата на Појасот Газа и итен влез на арапски, исламски и меѓународни конвои со хуманитарна помош кои содржат храна, лекови и гориво.
Поради недостигот на гориво, вода и храна во Газа, Ердоган вели дека најважно е да се вклучат САД, кои имаат влијание врз Израел.