– Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган предупреди дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на крајот ќе ја плати цената за, како што рече, „израелските масакри во Газа“.
Турскиот лидер во обраќањето пред новинарите во неговиот претседателски авион истакна дека во моментов меѓу 60 и 70 отсто од Израелците се против Нетанјаху и дека ситуацијата за израелскиот премиер само ќе се влошува.
Ердоган смета дека не е во интерес на палестинскиот Хамас да држи цивили како заложници и дека групата е подготвена да ги ослободи, но мора да бидат ослободени и Палестинците затворени во Израел.
Тој зборуваше и за самитот на Организацијата за исламска соработка што ќе се одржи во Ријад в недела на 12 ноември, посочувајќи дека одлуките што ќе бидат донесени на тој самит ќе бидат „многу голем чекор кон запирање на израелското угнетување на Палестинците“.