Ерменија ги повика Советот за безбедност на ОН и Русија да преземат акција за прекин на воената операција што Азербејџан утринава ја почна во спорниот регион Нагорно-Карабах, јави ДПА.
„Потребни се јасни и недвосмислени чекори за ставање крај на азербејџанската агресија“, се наведува во соопштението на ерменското Министерство за надворешни работи, објавено денеска од ерменските медиуми.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан, во меѓувреме, свика итен состанок на Советот за национална безбедност поради ескалацијата на ситуацијата во спорниот регион, наведува германската агенција.
Азербејџан рано утринава почна голема воена операција за преземање на контрола врз спорниот регион, што се наоѓа на територијата на Азербејџан, но претежно е населен со Ерменци.
Војската во Баку го оправда потегот со наводно прекршување на примирјето од страна на Ерменија. Ерменската страна ги отфрла овие обвинувања како измислен изговор за напад и конфронтација.
Нагорно-Карабах со децении е спорен регион меѓу двете поранешни советски републики.
Азербејџан со месеци го блокира и коридорот Лачин, што е единствениот сообраќаен чвор на Ерменија со Нагорно Карабах, каде хуманитарната ситуација се смета за катастрофална, наведува ДПА.