Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ерусалим, поделениот град, следно кризно прашање меѓу Израел и Палестина

Ерусалим е град околу кој се водат многу битки: политички, културни, верски. Ерусалим  e престолнина на два народа, свето место на три вери и единствен град што постои и на земјата и на небото, напишале многубројни историчари, публицисти и теолози. Oвој град, полн со симболика, со децении е повод за жестоки битки и останува едно од најнерешливите прашања во израелско-палестинскиот конфликт.

Мирјана ВАСИЛЕВА

Ерусалим е град околу кој се водат многу битки: политички, културни, верски. Ерусалим  e престолнина на два народа, свето место на три вери и единствен град што постои и на земјата и на небото, напишале многубројни историчари, публицисти и теолози. Oвој град, полн со симболика, со децении е повод за жестоки битки.

Статусот на Ерусалим е опишан како  едно од најнерешливите прашања во израелско-палестинскиот конфликт.

Ерусалим како јаболко на раздорот  на Блискиот Исток

Во Источен Ерусалим се наоѓа Стариот град, кој содржи многу места од најголемо религиозно значење за трите главни авраамски религии, јудаизмот, христијанството и исламот.

Но, ридот на храмот е важен за Евреите бидејќи таму се наоѓале првиот и вториот ерусалимски храм. Западниот ѕид, Ѕид на плачот, стои како остаток од Вториот храм. За муслиманите, Ерусалим е трет најсвет град во исламот по Мека и Медина, а според исламското верување, токму на планината над градот е храмот Ал Акса од каде Мухамед се вознел на небото.

За христијаните, Ерусалим е местото каде што бил распнат Исус и таму се наоѓа базиликата на Светиот гроб, која ги содржи двете најсвети места во христијанството: местото на распнувањето и празниот гроб на Исус.

Во поновата историја источен Ерусалим беше заземен од израелската армија во Шестдневната војна во 1967 година и оттогаш е под целосна израелска контрола. Израелските власти дозволија слободен пристап на сите верници и се согласија да им дадат на муслиманите и христијаните управување со нивните свети места. Меѓутоа го ограничуваат пристапот до џамиите кога властите сметаат дека јавната безбедност е загрозена.

Кнесетот го усвои Законот за Ерусалим во 1980 година, кој го дефинира Ерусалим како главен град на Израел.

Палестинците, пак, и многумина во меѓународната заедница, сметаат дека Источен Ерусалим е идниот главен град на државата Палестина.

Во последните години, групи на религиозни и националистички Евреи, придружувани од полицијата, го посетија комплексот во поголем број и одржуваа молитви спротивно на правилата воспоставени по 1967 година од страна на Израел, Јордан и муслиманските верски старешини. Честите посети и обиди да се молат од страна на Евреите, Палестинците ги гледаат како провокација, често проследени со расправии или посериозно насилство.

Дека состојбата околу светиот рид и Златната купола секогаш низ годините е континуирано напната, најдобро се илустрира со настанот од 2000 година, кога тогашниот израелски премиер Ариел Шарон, по неуспешните мировни преговори во Кемп Дејвид, отиде на светиот рид, со што ја предизвика втората Интифада (палестински востание) што траеше четири години и предизвика многу жртви на двете страни.

Поради оваа причина, прашањето за Ерусалим и неговиот статус е исто така прашање на идната поделба на израелска и палестинска територија.

„Секоја промена на статусот на Ерусалим влијае на идниот облик на државите. Тука се испреплетуваат политичките и верските прашања“, велат добрите познавачи на израелско-палестинските односи.

И затоа  некои Израелци велат дека местото треба да биде отворено за сите верници. Палестинците одбиваат да го сторат тоа, плашејќи се дека Израел на крајот ќе ја преземе локацијата или ќе ја подели. Од друга страна, израелските власти велат дека немаат намера да ја менуваат постоечката состојба.

Според  статистичките податоци сегашното население на Источен Ерусалим е околу 580 илјади, од кои 61% се Арапи, а 39% се Евреи. Источен Ерусалим сочинува околу 60% од населението на Ерусалим.

Каков е статутот на Палестинците кои што живеат во Источен Ерусалим

Евреите родени во источен Ерусалим се израелски државјани, додека Палестинците од источен Ерусалим добиваат форма на постојан престој кој може да се отповика доколку живеат надвор од градот подолг временски период. Тие можат да аплицираат за државјанство, но тоа е долг и неизвесен процес и повеќето избираат да не го прават тоа затоа што не ја признаваат израелската контрола.

Израел изгради еврејски населби во источен Ерусалим каде живеат околу 220.000 луѓе. Ова сериозно го ограничи растот на палестинските населби, што доведе до пренатрупаност и нелегална изградба на илјадници домови на кои им се заканува рушење.

Израелската организација за човекови права B’Tselem и Хјуман рајтс воч со седиште во Њујорк ја наведоа дискриминаторската политика во Источен Ерусалим во неодамнешните извештаи кои тврдат дека Израел е виновен за злосторството на апартхејдот. Израел ги отфрла овие наводи, наведувајќи дека подеднакво ги третира жителите на Ерусалим.

Пред три години, администрацијата на тогашниот претседател Трамп, го предложи планот за Мир на Блискиот исток: Ерусалим да биде главен град на Израел, додека, пак, откако ќе се заокружи палестинската државност, главен град на Палестинците да биде Абу Диз, предградие на Источен Ерусалим. Предлогот веднаш беше одбиен од палестинскиот претседател Махмуд Абаз со образложението дека ниту Ерусалим, ниту Палестина, не се за продавање.

Освен Саудиска Арабија, и другите арапски земји не го прифатија Трамповиот план, кој меѓу другото предвидуваше палестинскиот народ да ја признае незвисноста на Израел во период од 4 гоидини, Израел да не гради повеќе населби околу Западниот брег, како и да започнат преговори меѓу Палестиниците и Израелците за договор околу уредувањето на палестинската државност.

Додека не се решат овие прашања кои, сега засега се чинат нерешливи, светот само ќе регистрира дека од 1948 година до денес не поминала ниту една година во која немаше загинати и повредени жители, во помали или поголеми конфликти меѓу Израелците и Палестинците. Четири големи израелско-арапски војни се водеа во 1948-1949, 1956, 1967 и 1973 година, како и за време на Првата и Втората либанска војна во 1982 и 2006 година.

Во такви околности милиони луѓе го доживуваат Ерусалим како заедничка порта низ која треба да се помине на патот помеѓу сегашноста и иднината. Упорните напори на оние кои сакаат да ги затворат тие врати за еден, а да ги отворат пошироко за другите, ќе продолжат да пропаѓаат.

„Колку и да изгледа моќна и одлучувачка дневната политика од перспектива на обичните луѓе, многу е мала во споредба со бесмртниот Ерусалим“, е пораката на еден анонимен верник, оставена пред многу години на камењата на ерусалимските духовни светилишта. 

Најново