Русија ги прекршила правата на раселените лица од Абхазија, објави Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) прогласувајќи ја Русија за виновна.
Овие лица биле принудени да ги остават своите имоти, кои подоцна не можеле да си ги вратат.
Жалбата до ЕСЧП ја поднеле четворица Грузијци и еден Русин, кои тврдат дека не можеле да се вратат во своите домови, напуштени за време на насилството по прогласувањето независност на Абхазија во 1992 година.
И покрај прекинот на огнот во 1994 година, Судот констатира дека раселените лица „сè уште не можат да се вратат во регионот“, што го смета за „мешање во правото на сопственост“.
ЕСЧП пресуди дека руската влада, која има ефективна контрола над Абхазија, не ги презела неопходните мерки за заштита на тие права. Судот ѝ наложи на Москва да плати 35.000 евра на секој од четворицата грузиски жалители, а на рускиот подносител му додели 25.000 евра.
Иако Русија повеќе не е членка на Советот на Европа од 2022 година, таа останува одговорна за прекршувања извршени пред овој датум.