Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој утрово допатува во официјална посета на Косово, ја поздрави денешната одлука на косовската Влада да му се доделат на православниот Манастир во Дечане 24 хектари земјиште, согласно одлуката на Уставниот суд на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
На прес-конференцијата по денешната средба со претседателката на Косово, Вјоса Османи, Ескобар изјави дека одлуката на Владата на Албин Курти била „тешка, но неопходна“.
– Сакам да нагласам колку е важна денешната одлука за Манастирот. Тоа беше тешка, но неопходна одлука и им благодариме на институциите за целата соработка, рече Ескобар.
Владата на Косово денеска ѝ наложи на Агенцијата за катастар да ја спроведе одлуката на Уставниот суд за признавање на правото на сопственост на 24 хектари земјиште на Дечанскиот Манастир.
Премиерот Курти на почетокот на денешната седница на Владата рече дека оваа одлука ја донел, затоа што претставува услов за прием на Косово во Советот на Европа.
Тој рече дека Владата на Косово е исправена пред две опции: да го исполни овој услов и Косово да биде примено во Советот на Европа или да остане без членство. Според него, одлуката е донесена „водејќи се од здравиот разум“.
Курти нагласи дека и натаму ја смета одлуката за штетна, но додаде дека приемот во Советот на Европа ќе биде историска победа.