Седум земји-членки на Европската унија, вклучувајќи ги Германија, Италија и Полска, побараа од Европската комисија да ја преиспита планираната забрана за продажба на нови дизел и бензински автомобили од 2035 година. Еве што особено ги загрижува.
Притисокот од земјите-членки, европските пратеници и автомобилската индустрија се зголемува, па се очекува Европската комисија да го одложи преиспитувањето на одлуката со која би се забранила продажбата на нови дизел и бензински автомобили од 2035 година.
Најмалку седум членки на Европската унија бараат од Комисијата да ја укине планираната забрана, тврдејќи дека автомобилската индустрија во рамките на ЕУ тешко би преживеала таков удар, според две писма до кои дојде Euronews.
Станува збор за Бугарија, Чешка, Германија, Унгарија, Италија, Полска и Словачка, кои веруваат дека е „неопходно“ Комисијата да овозможи продажба на хибридни возила дури и по 2035 година, како дел од претстојниот законски преглед.
Овие земји велат дека ја разбираат потребата од намалување на емисиите на CO₂, но инсистираат на „технолошка неутралност“, што значи дека секоја земја треба да го избере најефикасен начин за намалување на емисиите, а воедно да остане конкурентна.
Меѓу алтернативите што ги наведуваат се хибридните возила, водородните автомобили и оние што користат биогорива. Тие исто така ја истакнуваат важноста на многу посериозен развој на инфраструктурата за полнење електрични возила и водородните станици низ цела ЕУ.
Едно од писмата, потпишано од сите земји освен Германија, наведува дека предлогот на Комисијата треба да се фокусира на „добри практики, даночни олеснувања и програми за поддршка“ и да одржува технолошки неутрален пристап кон транзицијата кон возила со ниски и нулти емисии.
Овие седум земји, кои сочинуваат речиси половина од населението на ЕУ, со години се спротивставуваат на целосната забрана за мотори со внатрешно согорување. Тие тврдат дека европските производители се борат со високи цени на енергијата, недостаток на компоненти, особено батерии, и слаб интерес на клиентите за електрични возила.
„Нашата цел е да ја зачуваме стратешката независност на европската автомобилска индустрија“, се наведува во друго писмо потпишано од Германија и Италија.
Кризата на европската автомобилска индустрија
Европскиот пазар е преплавен со кинески електрични автомобили во последните години, додека домашните производители бавно преминуваат на електрични возила на батерии. Дури и Тесла бележи пад на регистрациите – повеќе од 50% во Франција и Шведска, а околу 40% во Данска, Холандија и Португалија.
Силниот глобален конкурент во традиционалната автомобилска индустрија, Германија, веќе ги трпи последиците од прилагодувањето кон законот на ЕУ усвоен во 2023 година, кој предвидува крај на продажбата на нови бензински и дизел возила.
Берлин истакнува дека строгите барања ја забавуваат индустријата и ја оддалечуваат од глобалната конкурентност.
Германскиот пратеник Јенс Гизеке, од групата на ЕНП, рече дека неговата група е против целосна забрана на моторите со внатрешно согорување и дека предложиле признавање на улогата на CO₂-неутралните горива, што би им овозможило и на модернизираните бензински и на дизел моторите да бидат дел од идната технолошка понуда.
Сигрид де Врис, директорка на Здружението на европски производители на автомобили (ACEA), предупредува дека целта за 2035 година повеќе не е реална, бидејќи нема доволна инфраструктура или соодветни инвестиции во електричната мрежа.
„Сегашната регулатива се фокусира само на снабдувањето со нови возила, без создавање реална побарувачка, без соодветна инфраструктура, без стимулации и без поврзување со конкурентноста и отпорноста на индустријата“, рече де Врис.
Европската комисија утре (среда), треба да презентира нови предлози за стандарди за CO₂ за автомобили и комбиња, но претходните изјави од портпаролот на Комисијата укажуваат дека објавувањето може да се одложи.

