ЕУ бара појаснување од Белата куќа откако Врховниот суд на САД пресече дека претседателот Доналд Трамп ги надминал овластувањата кога вовел широки „реципрочни“ царини за речиси целокупниот увоз, потег што може директно да го разниша трговскиот договор што Брисел и Вашингтон го склучија минатото лето.
Европската комисија соопшти дека е „во близок контакт“ со американската администрација и дека бара појаснување какви чекори ќе преземе Вашингтон по судската одлука, затоа што пресудата ја отвора дилемата што се случува со веќе платените царини од европските компании и каков режим ќе важи во наредниот период.
Во основата е одлука со сооднос 6-3, со која судот оцени дека законот за вонредни овластувања (IEEPA) не му дава на претседателот право да воведува царини на ваков, практично даночен начин, па затоа ги поништи мерките што беа оправдувани како „економска вонредна состојба“. Судот, според извештаите, не даде јасна насока за механизам за евентуални рефундации, иако станува збор за износи што се мерат во над 130 милијарди долари собрани давачки.
Токму тука се судираат правото и политиката на Атлантикот. Договорот што Комисијата го потпиша со Трамп во јули 2025 предвидува „ќебе“ од 15% царина за извозот од ЕУ кон САД, а во исто време намалување на царините за американски индустриски производи кон ЕУ на нула. Во пакетот беа вградени и големи ветувања: ЕУ да купи 750 милијарди долари американски енергетски производи до 2028 и да мобилизира 600 милијарди долари инвестиции во стратешки сектори во САД.
Сепак, пресудата не ги брише сите трговски бариери преку ноќ. Според објаснувањата, таа се однесува на „реципрочните“ царини воведени за време на таканаречениот „Liberation Day“ и не ги опфаќа секторските мерки, меѓу кои и актуелните 50% царини за челик и алуминиум. Комисијата порача дека ја анализира одлуката и повтори дека стабилноста и предвидливоста се клучни за компаниите од двете страни на Атлантикот, па затоа ќе продолжи да се залага за ниски царини.
Во Брисел, пресудата веднаш ја оживеа критиката дека договорот бил неурамнотежен и дека Европа премногу брзо се врзала за правила што зависат од американска внатрешна политика и судски епилог. Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија во Европскиот парламент, Бернд Ланге, најави вонредна средба во понеделник за да се проценат последиците, во момент кога Парламентот треба да гласа за имплементацијата на договорот, а дел од пратениците бараат механизми за прекин или суспензија ако политичките услови повторно ескалираат.
Притисок доаѓа и од индустријата. Германската БДИ побара ЕУ итно да добие јасен одговор од Вашингтон што практично значи пресудата за трансатлантскиот режим, предупредувајќи дека компаниите не можат да планираат со „правна магла“ над царините и дека американската администрација би можела да бара други законски патишта за нови заштитни мерки.
Додека Брисел го бара следниот потег на Белата куќа, европските извозници остануваат меѓу две неизвесности: дали и како ќе се менуваат условите за извоз ако „реципрочните“ царини се укинати, и дали ќе има простор за компензација за веќе платените давачки. Одговорите, како што признава и Комисијата, сега зависат од тоа како Вашингтон ќе ја „преведе“ судската одлука во конкретна трговска политика.