Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕУ допрва треба да ги договори промените во преговарачката рамка за Србија

Радио Слободна Европа на српски јазик

Иако поминаа цели два месеци откако Европската комисија и Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) доставија предлог за промена на условите од Поглавјето 35 од преговарачката рамка во процесот на преговорите за членство со Србија, потребниот консензус за одобрување на овие промените се уште не е постигнат во Советот на ЕУ.

Радио Слободна Европа дознава дека се уште постојат разлики во ставовите меѓу земјите-членки, а белгиското претседателство со ЕУ прави напори да ги надмине овие разлики.

Според истите извори, некои земји не го прифатиле првиот предлог на Европската комисија за овие измени. Некои земји-членки потоа ги дадоа своите предлози и тие беа дискутирани во работните групи на Советот кои се занимаваат со Западен Балкан и процесот на проширување.

Дипломатски извори во ЕУ тврдат дека за ова прашање во текот на април ќе разговараат амбасадорите на ЕУ во Комитетот на заменици постојани претставници на сите земји-членки (COREPER).

Целта на промената на оваа рамка е да се вклучи имплементацијата на Договорот за патот кон нормализација на односите со Косово, постигнат во февруари минатата година, во поглавјето 35 од преговорите за членство, како посебен услов за Србија.

Сепак, нормализацијата на односите со Косово за Србија е вклучена во ова поглавје, но се бара напредок во процесот на нормализација. Предвидено е сега како услов да се прецизира имплементацијата на договорот.

На последниот состанок во декември минатата година, земјите-членки побараа од Европската комисија најдоцна до крајот на јануари годинава да достави предлог за промена на преговарачката рамка за Србија.

Два дена по истекот на рокот, на почетокот на февруари, Европската комисија и ЕЕАС го доставија својот предлог. До доцнењето дошло, според дипломатски извори во ЕУ, поради напорите на комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, да го опструира овој предлог.

Унгарија, земјата од која доаѓа овој еврокомесар, според дипломатски извори, се уште е меѓу земјите-членки кои го спречуваат усвојувањето на овие измени во Советот на ЕУ.

Триесет и петтото поглавје од пристапните преговори, кое се нарекува „останато“, не е поврзано со законодавството на ЕУ, туку во тоа поглавје се одлучува за конкретните работи што ги бара Брисел или која било земја членка. Во случајот со Србија, тука спаѓа и нормализацијата на односите со Косово.

Ова поглавје е едно од првите што беше отворено во декември 2015 година со цел преку него да се следи напредокот кон нормализација.

До есента минатата година, Европската комисија обично го оценуваше однесувањето на Србија во дијалогот како „конструктивно“ и заклучуваше дека на тој начин таа ги исполнува критериумите за напредок во процесот на преговори за членство.

Но, во извештајот за напредокот од есента 2023 година беше утврдено дека Србија во некои области направила чекори наназад во почитувањето на обврските од дијалогот за нормализација на односите со Косово.

Поради недостиг на напредок во спроведувањето на обврските, ЕУ го прекори Косово, па дури и воведе рестриктивни мерки, кои се уште се во сила.

Дипломатите на неколку членки на ЕУ предупредија дека Брисел треба што поскоро да обезбеди одобрување на промените во преговарачката рамка за Србија, бидејќи во спротивно ќе биде несериозна за спроведувањето на Договорот за кој посредуваше и го нарече успешен.

Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, како и Анексот за негова имплементација постигнат во Охрид во февруари минатата година, страните не го потпишаа бидејќи Белград го отфрли.

Сепак, ЕУ се уште инсистира дека, иако не е потпишан, овој Договор е прифатен од страните и претставува законска обврска за нив. Нивното спроведување, според претставниците на ЕУ, е услов за напредок во процесот на интеграција во ЕУ.

Со овој договор, кој се состои од 11 члена, меѓу другото се обезбедува и ниво на самоуправа на српската заедница на Косово и меѓусебно признавање на државните симболи, а од Приштина и Белград се бара да ги спроведат сите договори постигнати во досегашниот дијалог.

Токму поради фактот што помина повеќе од една година од постигнувањето на овој договор, како и поради предупредувањето на ЕУ дека неговото спроведување ќе биде формален дел од преговарачката рамка за Србија, одобрувањето на овие измени во Советот од страна на земјите-членки се смета за неопходно и се планира да се постигне што е можно поскоро.

Преговарачката рамка на ЕУ е основниот документ на кој се одвива процесот на преговори за членство со земјата кандидат.

Преговарачката рамка за Србија беше одобрена од Советот во декември 2013 година, додека Србија ги отвори преговорите за членство со ЕУ во јануари 2014 година. Досега Србија има отворено 22 од вкупно 35 поглавја за преговори. Поради неподдршката на санкциите на ЕУ против Русија, Србија нема отворено ниту едно поглавје од 2021 година.

МИА

Зачлени се на нашиот е-билтен