Европската унија е многу блиску до решение за финансирање на Украина во 2026 и 2027 година, кое би имало поддршка од најмалку квалификувано мнозинство од земјите на Европската унија, изјави денес претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Лидерите на Европската унија кон крајот на октомври ветија дека ќе го финансираат Киев во следните две години додека Украина се бори против руската инвазија и додека финансиските придонеси на САД се намалуваат. Лидерите ќе одлучат како да го исполнат своето ветување на самитот во Брисел на 18 декември, а Коста им рече на новинарите во Даблин дека доколку е потребно ќе води разговори со денови додека не се постигне договор.
Белгија бара гаранции од други земји
Со оглед на тоа што повеќето влади на Европската Унија се борат со голем јавен долг, претпочитаниот начин за финансирање на одбраната на Украина е да се стават во функција околу 210 милијарди евра руски државни средства кои беа замрзнати откако Москва ја нападна Украина во 2022 година. Проектот не е едноставен бидејќи Белгија, каде што се наоѓаат повеќето од замрзнатите средства, сака гаранции од други земји дека ќе ги споделат сите финансиски последици доколку Русија успешно ја тужи Белгија за шемата.
Дискусиите за давање гаранции на Белгија се во тек и ќе кулминираат на самитот на Европскиот совет.
„Сега работиме на дотерување на правно и техничко решение кое би можело да добие согласност од барем квалификувано мнозинство од земјите-членки. Мислам дека сме многу блиску до постигнување решение“, рече Коста.
Солидарност на групата Г7
Финансирањето на Украина и нејзината борба е клучно за Европската Унија бидејќи блокот ја гледа руската инвазија на Украина како закана за сопствената безбедност. Повеќето земји од ЕУ веруваат дека Москва нема да нападне ниту една земја од ЕУ сè додека е воено ангажирана во Украина, што ѝ дава време на Европа да ја подготви својата одбрана.
Комисијата сака да издаде заем за репарација на Украина во износ до 165 милијарди евра, барајќи од сите институции во земјите-членки кои поседуваат руски парични средства да ги заменат за обврзници на Европската унија со сертификат издаден од комисијата. Парите потоа би ѝ биле исплатени на Украина на рати во текот на следните две години.
За да го распредели ризикот од руска одмазда, Белгија сака другите членки на Г7 кои поседуваат руски суверени средства, како што се Велика Британија, Канада или Јапонија, да ја реплицираат шемата на ЕУ.
Велика Британија, Канада и Јапонија размислуваат за поддршка
Британскиот премиер Кир Стармер изјави на крајот на ноември дека Лондон е подготвен да соработува со Европската унија во обезбедувањето финансиска поддршка на Украина врз основа на вредноста на замрзнатите средства. Весникот „Гардијан“ објави во понеделник дека Лондон е подготвен да предаде осум милијарди фунти средства замрзнати во Велика Британија за да ја поддржи Украина.
Канада изјави во октомври дека ќе истражи таква можност, додека Јапонија сè уште не одлучила како конкретно ќе обезбеди финансиска поддршка на Украина, иако не ја исклучи можноста за користење на замрзнатите руски средства во нејзина јурисдикција.

