Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја зачува независноста на антикорупциските служби во земјата, ветувајќи дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина на нејзиниот пат кон членство во Унијата.
„Украина веќе постигна многу на европскиот пат. Сега мора да надгради на тие цврсти темели и да ја зачува независноста на антикорупциските институции, кои се клучен елемент за владеењето на правото“, напиша фон дер Лајен на социјалната мрежа Икс, по телефонскиот разговор со Зеленски.
Во четвртокот, украинскиот претседател одобри законски предлог за враќање на независноста на антикорупциските тела.
„И се заблагодарив на Европската комисија за обезбедената експертиза“, напиша Зеленски на Икс, истакнувајќи дека споделуваат заедничка визија – законот да биде усвоен што е можно побрзо, идеално веќе следната недела.
Фон дер Лајен потврди дека поддршката од Брисел за членството на Украина останува силна. „Украина може да смета на нашата поддршка за напредок на нејзиниот европски пат“, рече таа.
И францускиот претседател Емануел Макрон, во телефонски разговор со Зеленски, подвлече дека борбата против корупцијата мора да ја водат независни и ефикасни институции.
Минатата недела во Украина беше усвоен закон со кој две клучни антикорупциски институции беа ставени под надлежност на Генералното обвинителство, кое, пак, е под контрола на претседателот – потег што наиде на остра критика од домашното граѓанско општество и меѓународната заедница.