Европската комисија го промовираше новиот алат за укажувачи во рамките на Актот за вештачка интелигенција, кој овозможува безбеден и доверлив канал за пријавување сомнежи за прекршување на овој закон.
Пријавите ќе се доставуваат директно до Канцеларијата на ЕУ за вештачка интелигенција – центарот за експертиза во рамките на Комисијата. Целта е рано откривање на евентуални прекршувања со што ќе се придонесе кон безбеден и транспарентен развој на технологиите базирани на вештачка интелигенција.
Укажувачите ќе можат да испраќаат релевантни информации на кој било официјален јазик на ЕУ и во различни формати. Преку сертифициран механизам за енкрипција им е обезбедено највисоко ниво на доверливост и заштита на податоците. Системот овозможува и следење на процесот – Канцеларијата може да праќа известувања за напредокот на пријавата или дополнителни прашања, без притоа да ја загрози анонимноста на укажувачот.
Актот на ЕУ за вештачка интелигенција има за цел да го стимулира развојот на иновации и примена на вештачката интелигенција во Унијата, истовремено минимизирајќи ги потенцијалните ризици за здравјето, безбедноста и основните човекови права, како и заштитувајќи ги демократијата и владеењето на правото.

