Владите на земјите-членки на Европската Унија го започнаа процесот на долгорочно замрзнување на средствата на руската централна банка имобилизирани во Европа, со цел да се избегне гласање на секои шест месеци за продолжување на замрзнувањето и да се отвори вратата за користење на тие пари за Украина.
Одлуката за започнување на тој процес, за кој е потребна согласност од квалификувано мнозинство од членовите на ЕУ, е дел од правниот систем на Унијата што им овозможува на владите да преземат посебни мерки ако сметаат дека треба да ја заштитат економската стабилност на блокот од 27 земји во посебни околности, во согласност со член 122 од Договорот за ЕУ, според „Гардијан“.
Данска, која претседава со Европската Унија, објави дека амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Брисел се согласиле за ревидирана верзија на предлогот врз основа на член 122 и го одобриле започнувањето на писмена постапка за формална одлука од страна на Советот на ЕУ до 12 декември околу 17 часот, објави „Ројтерс“.
Овој потег веројатно ќе предизвика лута реакција од Унгарија и Словачка, кои претходно се заканија дека ќе го блокираат трансферот на руски средства во спорови околу други сегменти од политиката на ЕУ кон Русија, особено во однос на енергетиката, што е токму причината зошто повеќето членки на ЕУ сакаат да го спроведат процесот на замрзнување на долг рок.