Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕУ издвои над 26 милиони евра дополнителна хуманитарна помош за Источна Африка 

 Европската комисија донесе одлука да издвои дополнителни 26,7 милиони евра хуманитарна помош за земјите во регионот на Рогот на Африка и на Големите езера во источниот дел на африканскиот континент, кои се соочуваат со повеќекратни кризи предизвикани од конфликти и елементарни непогоди поврзани со климатските промени.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, овие дополнителни средства првенствено ќе бидат наменети за помош на лицата во Јужен Судан, Уганда, Сомалија и Демократска Република Конго, кои ги напуштиле своите домови бегајќи од конфликтите и природните непогоди. 

Од вкупните средства, 6,4 милиони евра ќе бидат наменети за згрижување на бегалците од Судан во Јужен Судан, каде секојдневно пристигнуваат по околу 2.000 луѓе. Од нив околу 70 проценти се жени и деца, а секој петти е неухранет. 

Дополнителните 5,5 милиони евра ќе бидат наменети како хуманитарен одговор за околу два милиони лица во Сомалија на кои им е потребна итна помош како резултат на конфликтите, поплавите и појавата на колера. 

За над 1,5-те милиони бегалци во Уганда се издвоени 1,5 милиони евра, првенствено наменети за обезбедување храна. 

Речиси половина од новоодвоените средства или 13,3 милиони евра ќе бидат наменети за ДР Конго, како поддршка во услови на ескалација на насилството и влошена хуманитарна ситуација. 

Зачлени се на нашиот е-билтен