ЕУ ќе инвестира 500 милиони евра за привлекување научни истражувачи од САД и од целиот свет

Фото: X/@vonderleyen

Европската Унија ќе предложи да издвои 500 милиони евра за периодот 2025-2027 година за привлекување врвни научни истражувачи во Европа, објави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Улогата на науката во моментов е доведена во прашање. Инвестирањето во основни истражувања, бесплатни и отворени, е доведено во прашање. Каква огромна грешка во проценката… науката е клучот за нашата иднина тука во Европа“, рече фон дер Лајен на затворањето на конференцијата „Изберете Европа за наука“.

Конференцијата, организирана во Париз на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон, има за цел да привлече научници од Соединетите Американски Држави, чија истражувачка работа е под закана поради политиките на администрацијата на Доналд Трамп.

Пофалувајќи ги „стабилните и одржливи инвестиции“ и инфраструктурата која е погодна за истражување во Европа, Урсула фон дер Лајен најави мерки за надоместување на недостатоците, наведувајќи нова „суперсубвенција“ која ќе трае седум години, како и удвојување на буџетот за истражување до 2027 година.

„На среден и долг рок, сакаме да ја достигнеме целта од три проценти од БДП за инвестиции во истражување и развој до 2030 година со нашите земји-членки“, рече таа.

За да се олесни пристигнувањето на истражувачите, рече таа, ЕУ сака да им помогне на јавните и приватните институции да се приближат до висококвалификувани работници и истражувачи и да го забрза и поедностави влезот на овие високо квалификувани истражувачи во Европската Унија.

„Доведувањето на најдобрите истражувачи во светот значи извлекување на најдобрите во Европа“, рече фон дер Лајен.

Зачлени се на нашиот е-билтен