Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕУ најави шест нови летови за достава на хуманитарна помош за Газа 

 Во рамки на напорите за зголемена поддршка како одговор на актуелната криза на Блискиот Исток, ЕУ во текот на овој месец планира да организира уште шест нови хуманитарни летови за испорака на помош за луѓето во Газа, соопшти денеска Европската комисија. 

Со ова, како што јави дописникот на МИА од Брисел, вкупната помош од ЕУ за цивилното население во Газа ќе надмине 1.000 тони.  

Новата хуманитарна помош ќе се состои првенствено од објекти за сместување, средства за хигиена и медицинска опрема, обезбедени од хуманитарните партнери на ЕУ и од донации од Белгија, Германија, Грција, Луксембург, Ирска, Португалија, Словачка и Шпанија. 

– За да обезбеди сеопфатен одговор на кризата, ЕУ исто така ја зајакнува својата поддршка за египетскиот здравствен систем, кој мора да се справи со приливот на лица евакуирани од Газа. Преку Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, Унијата овозможи доставување на помош за Египет од Шведска, Шпанија, Австрија, Полска, Италија и Германија, се наведува во соопштението. 

ЕК информира и дека еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич денеска присуствува на состанок во рамки на хуманитарната конференција за Газа, организирана од француската Влада, на кој ја повтори посветеноста на ЕУ за помош на населението во Појасот.

– Со продолжувањето на војната во Газа, хуманитарните потреби на погоденото население никогаш не биле поголеми. Во исто време, последиците од кризата се одразуваат и врз соседните земји, како Египет. ЕУ работи неуморно со своите хуманитарни партнерите, земјите членки и меѓународните организации за да се обезбеди сеопфатен хуманитарен одговор и помош за цивилите на кои им е најпотребна, додаде Ленарчич. 

Зачлени се на нашиот е-билтен