Европската унија соопшти дека мора да се почитува правото на мирни демонстрации во Србија, но нагласи дека насилството не е решение и е неприфатливо, и повторно повика на „соодветна истрага за наводите за изборни нерегуларности“.
-Постапките на полицијата мора да бидат соодветни и основните права мора да се почитуваат во рамките на владеењето на правото. ЕУ повикува на мир и дијалог, соопшти Европската унија како одговор на прашање на Гласот на Америка за немирите на протестите во Белград завчера.
Брисел не ги коментира обвинувањата на властите во Србија кон неименувани западни земји за предизвикување немири на протестите по изборите.
Странската набљудувачка мисија предводена од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) во прелиминарниот извештај наведе дека изборите во Србија биле обележани со сериозни нерегуларности на денот на гласањето, како и со нефер изборни услови во корист на властите.
Властите во Србија демантираат дека имало изборни нерегуларности и одбиваат да ги исполнат барањата на опозицијата и на дел од граѓаните во Белград повторно да се одржат избори.