Остануваме отворени за какви било напори насочени кон постигнување мир во Украина, но рускиот претседател Владимир Путин не бара мир. Ова го изјави портпаролот на Европската комисија на прес-конференција како одговор на прашања.
„Одлуките и постапките на Путин јасно укажуваат дека тој има намера да ја продолжи војната против Украина. Досега нема убедлив напор од руска страна насочена кон барање мир“, додаде портпаролот. „Не веруваме во какви било изјави на руската страна за „мирни иницијативи“. Досега ништо од тоа што го кажаа не беше проследено со убедлива акција. Се даваат неискрени изјави кои руската страна нема намера да ги следи со дејствија“, додаде тој.
Според него, во пресрет на претседателските избори во Русија ќе зачестат нападите против Украина. Путин ќе ја продолжи војната барем до изборите во Русија, додаде портпаролот. Тој истакна дека последиците од војната се огромни не само за Украинците, туку и за руското општество.
ЕУ мора да продолжи со својата поддршка за Украина и за мировниот план во Киев. Како и секој конфликт, така и овој ќе се реши на крајот на преговарачка маса. За ЕУ, победата мора да биде за Украина, бидејќи земјата го користи правото на самоодбрана. Ние би сакале мир, но Украина е жртва и таа ги поставува условите за тоа, нагласи портпаролот. (МИА)