Брисел најверојатно ќе воведе таканаречен „данок на маснотии“ во предложениот план на Европската унија за кардиоваскуларно здравје, кој Европската комисија треба да го усвои за околу еден месец.
Новата давачка би се однесувала на високо преработена храна со висок процент на шеќер, масти и сол.
Оваа мерка е еден од политички најчувствителните елементи во многу пошироката иницијатива за намалување на кардиоваскуларните заболувања (КВБ) во Европа, која треба да биде одобрена во средината на декември.
Повеќе од 1,7 милиони луѓе умираат од кардиоваскуларни заболувања секоја година, а милиони други живеат со нивните долгорочни последици. Тоа создава огромен притисок врз веќе преоптоварените здравствени системи, се наведува во нацрт-документот на Европската комисија, до кој имал пристап „Brussels Signal“.
Планот отвора нови дебати
Товарот од КВБ постојано расте, поттикнат од стареењето на населението и растечката преваленца на дебелина, дијабетес и хипертензија, со годишен економски трошок што надминува 282 милијарди евра, се додава во документот.
Иако планот е претставен како иницијатива за јавно здравје, тој повторно ја отвора и дебатата во ЕУ за надлежностите и поделбата на одговорностите.
Во нацртот се наведува: „Одредени видови на оданочување на ниво на ЕУ одиграа клучна улога во намалувањето на факторите на ризик поврзани со нашиот начин на живот“.
Брисел сака да воспостави мрежа на надлежни тела која би служела како форум за соработка и координација околу оданочувањето на нездравите прехранбени производи.
Целта е да се поддржи размената на информации и најдобри практики меѓу земјите-членки.

