ЕУ подига нов ѕид? Најрестриктивни миграциски мерки досега

Европската унија подготвува најрестриктивен пакет миграциски мерки досега, во обид да одговори на растечкиот политички притисок и стравот од засилување на екстремно десничарските движења ширум континентот. Во Брисел, министрите за внатрешни работи денеска расправаат за модел кој фактички може да ја прекрои европската миграциска политика во наредната деценија.

Во срцето на планот се т.н. „центри за враќање“ – специјални објекти наменети за мигранти со одбиени барања за азил, кои би се лоцирале надвор од територијата на ЕУ. Идејата е постапките за враќање да се забрзаат и заострат, со испраќање на овие лица во таканаречени „безбедни трети земји“, дури и кога тоа не е нивната матична држава. Поддржувачите тврдат дека на тој начин ќе се врати контролата врз границите и ќе се намалат нерегуларните влезови.

Паралелно со тоа, предлогот предвидува и поостри санкции за лицата кои одбиваат доброволно да ја напуштат ЕУ по одбивањето на азилот. Меѓу опциите се спомнуваат подолг притвор и присилно отстранување, мерки кои се оправдуваат со потребата да се зајакне „довербата во системот“. Ова доаѓа иако бројот на незаконски премини на надворешните граници, според европските податоци, е намален за околу 20 проценти во однос на минатата година – што покажува дека политичкиот притисок често е посилен од статистиката.

Европскиот комесар за миграција Магнус Брунер инсистира дека Унијата мора да „работи во повисока брзина“ за да им покаже на граѓаните дека постои функционален систем. Но истовремено, организациите за човекови права предупредуваат дека ова е чекор кон опасна правна сива зона, во која илјадници мигранти ќе бидат сместени надвор од погледот на јавноста и надвор од јасниот домет на судска заштита. Наместо инвестиција во интеграција и безбедни легални патишта, според нив, ЕУ избира модел што ги турка луѓето кон уште поризични рути.

Сомнежи има и во самите земји членки. Франција ја доведува во прашање законитоста и практичната изводливост на центрите надвор од ЕУ, потсетувајќи на неуспешни експерименти со слични аранжмани во други делови од светот. Шпанија предупредува дека екстернализацијата на азилот може да значи само префрлање на проблемот во посиромашни држави, без реално решавање на причините за миграцијата. Наспроти нив, група држави со построг став, предводени од Данска, силно притиска да се затегнат правилата и да се испрати „јасен сигнал“ дека Европа повеќе нема да биде отворена за нерегуларни влезови.=

Дополнителен јаз отвора и прашањето за распределбата на барателите на азил. Новиот систем на „солидарност“ предвидува најмалку 30.000 лица годишно да се прераспределуваат меѓу земјите членки, а оние држави што одлучуваат да не примаат мигранти ќе треба финансиски да придонесат – по 20.000 евра за секое лице кое не го прифаќаат. Формално, станува збор за технички механизам, но во пракса тоа е политичка замка: малку министри ќе се осмелат јавно да објават дека прифаќаат илјадници нови баратели на азил, особено во предизборни години.

Зачлени се на нашиот е-билтен