Европратениците во Европскиот парламент ја поддржаа иницијативата за побрза примена на Законот за дигитални услуги и за забрана на штетни практики што предизвикуваат зависност, со цел поголема заштита на малолетниците. Предлогот вклучува и забрана за користење на социјални мрежи за деца под 13 години.
Одборот на Европскиот парламент за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите усвои извештај со 32 гласа „за“, 5 „против“ и 9 воздржани, во кој се изразува загриженост поради неуспехот на големите интернет-платформи да ги заштитат децата од штетни и незаконски содржини. Во извештајот се предупредува и на ризиците поврзани со зависноста, менталното здравје и прекумерната изложеност на дигитални содржини.
Европратениците предлагаат минимална возраст од 16 години за пристап до социјални мрежи, видео-платформи и виртуелни асистенти со вештачка интелигенција (AI), освен ако родителите не дадат дозвола. Минималната возраст за пристап до која било социјална мрежа би била 13 години.
Хрватските европратеници Томислав Сокол (ХДЗ/ЕПП) и Биљана Борзан (СДП/С&Д) го поддржаа извештајот и учествуваа во изработката на амандманите.
Сокол нагласи дека е усвоен неговиот предлог за забрана на алгоритамските системи за препорака на содржини на малолетници, бидејќи тие го зголемуваат времето пред екран и поттикнуваат зависност. „Алгоритмот препознава омилен лик од цртан филм и потоа му нуди на детето што повеќе содржини со тој лик за да му го задржи вниманието. Тоа е неприфатливо,“ изјави Сокол.
Борзан предупреди на сериозните последици од дигиталната зависност врз менталното здравје на младите. Таа потсети дека повеќе од 60% од децата во ЕУ лажно ја прикажуваат својата возраст за да отворат профил, а само петтина од родителите користат родителски контроли.
„Интернет-гигантите можат точно да ја погодат нашата возраст кога сакаат да ни продадат крема за лице, но кога станува збор за децата – тогаш одеднаш ‘не знаат’ колку имаат години,“ вели Борзан, повикувајќи на поголема одговорност на менаџерите на технолошките компании.
Таа предупреди дека 96,5% од граѓаните сметаат дека децата поминуваат премногу време на телефоните, а прекумерната употреба на интернет води до емоционални, психички и моторни проблеми кај најмладите.
Европскиот парламент ќе гласа за овие препораки на пленарната седница што ќе се одржи од 24 до 27 ноември.