Европската комисија денеска ја претстави првата петгодишна стратегија за управување со азилот и миграциите, со три клучни цели – спречување на илегалната миграција, заштита на луѓето кои бегаат од војни и прогон, како и привлекување квалификувана работна сила за зајакнување на економската конкурентност на Европската Унија.
„Мораме да го задржиме намалувањето на илегалните пристигнувања, а во исто време да поттикнеме легални патишта за влез во ЕУ. Двете се неопходни за функционирање на нашиот систем и за напредокот на нашите општества и економии“, изјави извршната потпретседателка на Европската комисија, Хена Виркунен.
Еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер, истакна дека заштитата на оние на кои навистина им е потребна помош мора да оди паралелно со контролата на границите.
„За да ги заштитиме оние на кои им е неопходна меѓународна заштита и да успееме во глобалната трка за таленти, мораме ефикасно да ги контролираме нашите граници, да ги ограничиме илегалните миграции и да спречиме злоупотреба на системот“, рече Брунер.
Пет приоритети за следните пет години
Во стратегијата, Европската комисија дефинира пет клучни приоритети:
1. Зајакнување на дипломатските напори
ЕУ ќе ги интензивира односите со земјите на потекло и транзит на мигрантите, користејќи механизми како визна политика, трговија и финансиска помош за да ги поттикне на соработка.
2. Борба против криумчарењето мигранти
Ќе се засилат активностите против криминалните мрежи кои организираат опасни миграциски рути, на кои секоја година животот го губат илјадници луѓе.
3. Зајакнување на надзорот на надворешните граници
Посебен фокус ќе има на контролата на надворешните граници со цел зачувување на шенгенскиот простор. Веќе е воведен Системот за влез и излез (EES), а во текот на годинава се очекува почеток на примената на системот ETIAS за информации и одобрување на патувања. Дополнително, ќе се зајакне улогата на Фронтекс.
4. Спроведување на Пактот за миграции и азил
Овој пакт претставува основа на новата миграциска политика на ЕУ и предвидува построги правила, подобра заштита на надворешните граници и рамнотежа меѓу одговорноста и солидарноста меѓу земјите членки.
5. Привлекување стручна работна сила
Последниот приоритет е создавање услови ЕУ да стане најатрактивната дестинација во глобалната трка за таленти, со цел зајакнување на економијата и пополнување на недостигот од квалификуван кадар.
Со оваа стратегија, Европската унија има за цел истовремено да воспостави поцврста контрола врз миграциските текови и да одговори на потребите на европскиот пазар на трудот во наредната деценија.