Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕУ: Состојбата со небезбедноста на храна во Газа е без преседан 

 Сериозниот развој на настаните со недостигот на храна во Појасот Газа треба да биде повик за будење за целиот свет со цел веднаш да се преземат мерки за спречување на оваа хуманитарна катастрофа, порачаа денеска во заедничка изјава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич. 

Изјавата на Борел и Ленарчич, претставува реакција на вчерашниот извештај на Интегрираната фазна класификација за безбедност на храната (ИПЦ), во кој се проценува дека сто проценти од жителите на Газа добиваат небезбедна храна, додека една четвртина од населението во Појасот гладува. 

– Длабоко сме шокирани од резултатите од проценката на ИПЦ за Газа. Ова е без преседан. Во ниту една анализа на ИПЦ никогаш досега не забележано вакво ниво на небезбедност во храната каде било во светот, се посочува во изјавата. 

Според претставниците на ЕУ, единствениот начин да се спречи луѓе да умираат од глад е да се обезбеди заштита на цивилите, да се овозможи безбеден пристап на хуманитарните и здравствените работници во Газа и да се обезбеди доволно храна за сите цивили на кои им е потребна. 

– Итно ни треба континуиран, брз, безбеден и непречен хуманитарен пристап за да избегнеме натамошно влошување на и онака катастрофалната ситуација. Го повторуваме итниот повик за почитување на Меѓународното хуманитарно право. Неможноста за пристап до основните продукти предизвикува глад. Помошта треба да стигне до оние на кои им е потребна со користење на сите неопходни средства, вклучително и хуманитарни коридори и хуманитарни паузи, додаваат Борел и Ленарчич во изјавата. 

Во текот на 2023 година, ЕУ одвои над 100 милиони евра финансиска помош за жителите во Газа, од кои 46 милиони евра наменети за храна и медицински и други основни потреби. ЕУ, исто така, и директно достави хуманитарна помош за жителите на Газа преку воспоставениот хуманитарен воздушен мост. 

За следната година, ЕУ веќе издвои 125 милиони евра хуманитарна поддршка за да обезбеди континуирана поддршка на Палестинците. 

Дополнително, Европската комисија соопшти дека усвоила и пакет нова финансиска помош, вреден 118,4 милиони евра, за поддршка на Палестинската автономна управа, наменета за исплата на платите на државните службеници на Западниот Брег, пензии, социјални додатоци за ранливите категории лица и за поддршка на административниот и техничкиот капацитет на управните институции.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново