Европската комисија денеска соопшти дека социјалната мрежа за споделување видеа TikTok мора суштински да го промени „основниот дизајн“ на својата платформа, оценувајќи дека таа ги прекршува дигиталните прописи на Европската Унија преку воведување функции што предизвикуваат зависност и ги насочуваат децата кон компулсивна употреба.
Според Комисијата, двегодишната истрага покажала дека TikTok не направил доволно за да ги процени негативните ефекти од функции како автоматското пуштање видеа, бесконечното скролување и силно персонализираните препораки врз физичкото и менталното здравје на корисниците, особено на малолетниците и чувствителните возрасни лица.
Портпаролот на Европската комисија, Томас Рение, изјави дека овие механизми водат кон компулсивно користење на апликацијата и претставуваат сериозен ризик за менталната благосостојба на децата. „Мерките што TikTok моментално ги применува едноставно не се доволни“, нагласи тој, додавајќи дека Брисел може да донесе одлука за непочитување на правилата и да изрече казна до шест проценти од годишните приходи на компанијата.
Комисијата наведува дека TikTok не реагира соодветно на јасните знаци на прекумерна употреба, како долготрајното користење на апликацијата во доцните ноќни часови и честото отворање на платформата од страна на малолетници. Исто така, постојните алатки за ограничување на времето на користење се лесни за заобиколување, а родителските контроли бараат дополнително време и дигитални вештини.
Според податоците на Европската комисија, TikTok има околу 170 милиони корисници во ЕУ, при што значителен дел од нив се деца и тинејџери. Околу седум проценти од децата на возраст од 12 до 15 години поминуваат меѓу четири и пет часа дневно на апликацијата, додека по полноќ најактивни се младите од 13 до 18 години. „Овие податоци се исклучително загрижувачки“, истакна Рение.
Како можни решенија, Комисијата бара TikTok да го ограничи или оневозможи бесконечното скролување, да воведе поефикасни механизми за контрола на времето поминато на екранот – особено ноќе – и да го преиспита високо персонализираниот систем за препораки што постојано им нуди нова содржина на корисниците.
Од TikTok ги отфрлија обвинувањата, оценувајќи ги прелиминарните наоди како „лажни и неосновани“. Компанијата соопшти дека располага со бројни алатки за самоконтрола, вклучувајќи прилагодливи ограничувања на времето на користење, потсетници за спиење и посебни тинејџерски профили што им овозможуваат на родителите да поставуваат ограничувања.
Случајот е дел од поширокиот глобален притисок врз дигиталните платформи поради нивното влијание врз младите. Австралија веќе воведе забрана за користење социјални мрежи за лица под 16 години, додека повеќе европски земји и други држави најавуваат слични мерки. Во меѓувреме, TikTok, Instagram и YouTube се соочуваат и со тужби во САД поради обвинувања дека намерно создаваат зависност кај децата.