Во рамки на кампањата „Ние сме Европа“, вечер од 18 часот во Центарот за култура-Битола ќе биде организирана отворена трибина „ЕУ за македонското културно наследство“.
Најавени се обраќања на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ – домаќин на кампањата „Ние сме Европа“, која се организира во осум градови низ државава.
На третиот настан од кампањата, овојпат во Битола, ќе се обрати и Андреа Штајнер-Вотавова – заменик-амбасадорка на Чешка, како и други гости на трибината.
Кампањата „Ние сме Европа“ почна со трибина отворена за граѓаните во Скопје, продолжи во Струмица, а по вечерашната во Битола, трибини во наредните денови ќе има и во Прилеп, Охрид, Штип, Тетово и Куманово.
-Секретаријатот за европски прашања (СЕП) и Владата на Република Северна Македонија ги афирмираат и промовираат европските вредности, во време на важни одлуки за продолжување на пристапниот процес во ЕУ, кои не’ засегаат сите нас, граѓаните и тоа во духот на демократијата, мултикултурализмот, владеењето на правото, почитувањето на фундаменталните и човековите права итн, соопшти СЕП.
Соодветно за секој од градовите, посочува СЕП, се отвораат точки за дискусија на неколку теми и тоа: култура, енергетика, туризам, земјоделство, економија, млади, инфраструктура и социјала. Активностите во секој од градовите вклучуваат и посета на локалитет од значење за конкретниот град.