Споредбена кратка анализа на европските извештаи за напредокот на С. Македонија за 2023 и 2024 година во поглавјето „слобода на изразување“ покажува дека на прв поглед се идентични, особено оценката која се повторува дека државата има одредено до умерено ниво на подготвеност. Сепак, во Извештајот за 2024 исчезна поволната општествена средина во која новинарите можат слободно и критички да известуваат, потенциран е проблемот со транспарентноста на медиумите и државното финансирање и, конечно, потенцирано е дека новинарите се соочени со критики од политичари и јавни личности, пишува Вистиномер.
Пишува: Теофил Блажевски
Северна Македонија е помеѓу одредено ниво на подготовка и умерено ниво на подготовка за слободата на изразување и има ограничен напредок во оваа област. Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги беше изменет во јули 2023 година за да се усогласи со Директивата за медиуми (на ЕУ-н.з.). Законот повторно беше изменет во февруари 2024 година за повторно да се воведе државното рекламирање во комерцијалните медиуми, што подоцна беше критикувано од регулаторот за медиуми и медиумските организации. Изменети се и законите за медиуми и Изборниот законик. Сепак, овие амандмани не беа сеопфатни и затоа многуте долгогодишни прашања остануваат нерешени.
Ова се наведува во краткиот преглед на оценката за „Слободата на изразување“ во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2024 година (стр.7) што се изготвува во Скопје и Брисел секоја година од страна на ЕУ и кој неодамна беше јавно претставен.
Оваа сфера која најмногу се однесува на медиумите и нивните права и слободи спаѓа во првиот кластер Фундаменти, (Поглавје 23, Правосудство и Основни права), кој државата грчевитo се обидува да го отвори и со тоа да ги започне преговорите со ЕУ, како што тоа неодамна го направи Албанија. Иако и овој краток заклучок во Извештајот е сосема доволен и јасен, и за некого може да изгледа пристојно, демек има ограничен напредок, пошироката експликација во извештајот укажува дека земјата во оваа сфера „тапка во место“, а во одредени полиња дури и регресирала.
Новинарите се соочуваат со непријателски говор и навреди од политичари
Во Извештајот во делот за заштита на новинарите (стр.35) се наведува дека МВР во 2023 година регистрирало 7 закани кон новинари од кои две биле со физичко загрозување на новинарите и во сите случаи отвориле истрага. Според податоците добиени од новинарските здруженија, поточно ЗНМ, во судовите имало помалку тужби против новинари во споредба со претходниот извештај, вкупно 19, но истовремено се регистрирани 6 таканаречени СЛАП тужби (стратешки тужби против јавно дејствување – SLAPP), „што покажува дека нема соодветен механизам за спречување на ваквите тужби“.
Извештајот како позитивно го оценува тоа што во Јавното обвинителство е назначен еден обвинител кој исклучиво е задолжен за следење на нападите врз новинарите и медиумските работници – истата формулација од лани.
И конечно, можеби и најважно, ЕУ констатира постоење на непријателство од политичари кон новинари:
Новинарите се соочија со непримерен јазик од политичари и јавни личности.
Велиме можеби најважно, затоа што е сосема јасно дека политичарите го креираат јавното мислење и дека од политичката волја зависат состојбите во секоја сфера па и во медиумската, односно слободата на изразување. А и ваква реченица не можеше да се најде во извештаите барем неколку години наназад.
Законската рамка не е усогласена со ЕУ стандардите за медиуми
Во делот на законската рамка ЕУ констатира дека таа не е целосно усогласено со ЕУ законодавството, поточно со Европскиот акт за слобода на медиумите. Исто така, како негативна појава што го уназадува процесот, во Извештајот се нотира законското враќање на државното рекламирање во медиумите од февруари 2024 година:
Владиното рекламирање во комерцијалните медиуми беше вратено во февруари 2024 година, зголемувајќи го ризикот од потенцијална злоупотреба на политичките фондови, загрозувајќи ja независноста на медиумите и создаде услови за нарушување на пазарот.
И конечно, ЕУ уште еднаш констатира дека ни овој пат Собранието не успеало да избере нови членови на Советот на регулаторот, како и на Програмскиот совет на МРТ (НРТ):
Парламентот уште еднаш не успеа да именува нови членови на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и на Советот на регулаторот на медиуми (АВМУ).
Во овој контекст ЕУ забележува дека АВМУ се грижи за надгледување на радијата и телевизиите и за нивното сопствеништво, а и дека постојано соработува со граѓанскиот сектор и со медиумите во промоција на медиумската писменост. Во однос на МРТ пак, ЕУ констатира дека и е потребна модернизација, подобрување на конкурентската способност и уредничката независност. Но, можеби најважната констатација за јавниот сервис е дека е соочен со нередовно финансирање (од државата), а со тоа и со постојана неизвесност.
Финансирањето на организацијата беше неконзистентно, предизвикувајќи несигурност во планирањето. Со законот за аудио и аудио-визуелни медиуми од јули 2023 година е зголемено целокупното финансирање, но властите префрлија помалку (пари) отколку што законски е предвидено“.
Економски фактори
Европската Унија забележува дека сè уште постојат „предизвици околу транспарентноста за сопствеништвото на медиумите и медиумската концентрација. Но, ја подвлекува и употребата на финансии како своевидна закана за слободата на изразувањето.
Политичките партии продолжуваат да ги користат државните средства за рекламирање, а недостатокот на транспарентноста на платеното политичко рекламирање сè уште опстојува. И печатените и електронските медиуми се законски обврзани да ги откријат информациите за нивната сопственост на регулаторното тело за аудио-визуелни медиуми, но сè уште не постои никаква законска рамка (обврска) за националните дигитални медиуми околу сопственоста, како и околу нивната финансиска состојба. Регистарот на сопствениците на дигиталните национални медиуми (онлјан медиумите-н.з.) потпаѓа под механизмот на саморегулација.
Стандардот на новинарите ја поттикнува автоцензурата
ЕУ забележува дека економските и социјалните услови под кои работат новинарите во земјава сè уште се лоши, што на крајот резултира со автоцензура. Забележува и дека постојат новинарски синдикати што се грижат за овие состојби, а како и во претходните извештаи на прво место го нотира дејствувањето на ССНМ:
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги брани работните и социјалните права на новинарите. Посебни синдикати ги бранат правата на новинарите кои работат за јавниот радиодифузен сервис и оние кои работат за новинските агенции. Недостатокот (слабостите – н.з.) во работните услови за новинарите сè уште постојат, посебно во поглед на краткорочни или договори за работа на одредено време, без покриени здравствено и социјално осигурување, неплатена прекувремена работа и ниски плати, што се заедно придонесува за автоцензурата и влијанието врз уредувачката политика од страна на сопствениците. (стр.37)
По овие оценки, медиумите уште еднаш се споменуваат во Кластерот 3 кој опфаќа Конкуренција и инклузивен раст, во поглавјето наречено Дигитална трансформација и медиуми, каде што се занимава и со аудио-визуелните услуги, каде што исто така има бројни препораки.
Препораките повторени, но има разлика на полошо
Доколку се направи споредба на препораките за тоа што треба да прави државата во следниот период за да ја поправи медиумската сфера и да ги исполни европските стандарди во слободата на изразувањето, ќе се забележи дека тие се речиси идентични со оние во Извештајот за напредокот за 2023 година. Еве ја првата препорака од документот за 2024 година:
Да продолжи да ја ревидира правната рамка што ги регулира медиумите за да ја усогласи со правото на ЕУ и европските стандарди, особено преку воведување правила за целосна транспарентност во сопственоста на медиумите и рекламирање, конкуренцијата и државната помош и како и правата на интелектуална сопственост, во согласност со единствениот пазар на ЕУ. (стр.7)
Доколку се погледне истата препорака од Извештајот за 2023 година, ќе се забележи дека е речиси истоветна, со таа разлика што сега ЕУ ги потенцира и рекламирањето, како и недоволната транспарентност во сопствеништвото на медиумите. Другите две препораки за јавниот радиодифузен сервис и за обврската на државните органи да ги заштитат новинарите од напади се идентични.
Но, има уште една разлика која може да укаже на проблем и регрес, а тоа е онаа за општата оценка за тоа во каква околина, односно општествени услови работат новинарите. Имено, во извештајот од 2023 година и во краткиот заклучок и нешто подолу се споменува следните две реченици:
… Општиот контекст за слободата на медиумите е поволен и овозможува критичко медиумско известување… Севкупната средина овозможува слобода на изразување и критичко известување…
Бидејќи втората реченица се однесува на подобрување на законската рамка за заштита на новинарите и медиумските работници, таа се разбира и натаму опстојува, па затоа можеби и немало потреба да се повтори во Извештајот за 2024 г. Но, првата реченица што ја има лани, а ја нема годинава, е можен показател за регрес: Општиот контекст за слободата на медиумите е поволен и овозможува критичко медиумско известување.
Дотолку повеќе што во овогодишниот извештај се потенцира дека новинарите се навредувани и критизирани од политичари, поточно „новинарите се соочија со непримерен јазик од политичари и јавни личности“.
(Преводот на цитираните делови од Извештајот за 2024 е неформален, на авторот на текстот, додека оние цитирани делови од Извештајот за 2023 година се преземени од официјалната страница на Министерството за европски прашања при Владата на РСМ).