ЕУ задоволна од напредокот во мировните преговори: „Украина ја избра Европа, а Европа ќе застане зад Украина“

Европската унија е задоволна од напредокот во разговорите околу мировниот план за Украина, соопштија претставници на институциите на ЕУ по вонредната седница на Европскиот совет.

„Вчерашната средба во Женева меѓу САД, Украина, институциите на ЕУ и европските претставници претставува значаен напредок. Разговорите беа конструктивни и постигнат е напредок по неколку точки“, изјави претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта.

Тој нагласи дека останале „само неколку прашања што треба да се доработат“, додавајќи дека насоката на разговорите е „позитивна“, но без да открие повеќе детали.

Иако ги пофали американските и украинските тимови, Кошта не го криеше задоволството од улогата на ЕУ во процесот за воспоставување траен мир.

„Јасно е дека прашањата кои директно ја засегаат ЕУ – како санкциите, проширувањето или замрзнатите средства – бараат целосна вклученост и одлучување од страна на Унијата. Подготвени сме да продолжиме да го поддржуваме процесот, работејќи заедно и во координација со Украина, САД и НАТО. Целта е заедничка: да се запре војната, убивањето и агресијата врз Украина и да се обезбеди праведен и траен мир за нејзините граѓани“, истакна Кошта.

Тој потсети дека ЕУ ќе продолжи со дипломатската, воената и економската поддршка за Украина, и дека на самитот на лидерите на Унијата во декември се очекуваат конкретни одлуки за економската помош.

„Во октомври дадовме ветување, а во декември ќе донесеме одлуки. Мирот не смее да биде привремено примирје, туку трајно решение. Украина ја одбра Европа, а Европа ќе стои зад Украина“, рече претседателот на Советот на ЕУ.

Задоволство од текот на преговорите изрази и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која подвлече дека Украина самата ќе одлучува за својата иднина.

„Територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина мора да бидат почитувани. Само Украина како суверена држава може да носи одлуки за своите вооружени сили. Нивната иднина е во нивни раце“, изјави таа, нагласувајќи ја централната улога на ЕУ во обликувањето на иднината на земјата и најавувајќи дополнителна поддршка преку т.н. „Коалиција на подготвените“.

Фон дер Лајен посебно ја истакна темата за враќањето на киднапираните украински деца, која силно влијаела врз европските лидери.

Во неделата во Женева претставници на Германија, Франција, Велика Британија, Италија, ЕУ, Украина и САД разговараа за мировниот план од 28 точки предложен од САД во неколку различни формати.

Првичната, контроверзна верзија на планот предвидуваше Украина да ѝ уступи територии на Русија, да ги ограничи своите воени капацитети и НАТО да се откаже од понатамошно проширување. Русија, пак, би направила само неколку помали отстапки, меѓу кои и откажување од државниот имот замрзнат во ЕУ, кој би бил искористен за обновата на Украина.

Овој документ беше оценет како екстремно поволен за Русија и како фактичка капитулација за Украина.

Зачлени се на нашиот е-билтен