Скандинавските земји наплаќаат до 2.300 евра за евакуација од Дубаи

Скандинавските земји наплаќаат до 2.300 евра за евакуација од Дубаи, откако илјадници европски граѓани останаа заглавени на Блискиот Исток поради ескалацијата на воениот конфликт во регионот и масовното откажување на комерцијалните летови. Неколку влади во северна Европа организираа чартер-летови за враќање на своите државјани, но голем дел од трошоците мора да ги покријат самите патници.

Најмногу реакции предизвика случајот со Финска, каде што властите организираа евакуациски лет од Мускат во Оман до Хелсинки. Првично било соопштено дека билетот за овој лет ќе чини околу 2.300 евра по лице, што предизвика незадоволство кај дел од граѓаните кои се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати. 

Според финските власти, високата цена се должи на значително зголемените трошоци за осигурување, гориво и логистика за летови што се организираат во услови на конфликт и затворен или ограничен воздушен простор. Дополнително, патниците мора да платат и околу 100 евра за автобуски превоз од Дубаи до Оман, каде што се реализира евакуацискиот лет. 

Интересот за евакуација е многу поголем од расположливите места. Финското Министерство за надворешни работи соопшти дека околу 600 нивни државјани во регионот побарале помош за враќање дома, но авионот што бил организиран може да прими само околу 160 патници. Приоритет при распределбата на местата имаат семејства со деца и лица со здравствени проблеми. 

Слична практика постои и во други европски земји. Анализите покажуваат дека цената на евакуациските летови за европски граѓани од Блискиот Исток се движи од околу 500 до 2.300 евра по лице, во зависност од земјата, рутата и логистиката на операцијата. 

Причината за ваквите мерки е драматичното нарушување на авиосообраќајот во регионот. По почетокот на воените операции, многу авиокомпании ги суспендираа летовите кон големите аеродроми во Персискиот Залив, а илјадници туристи и деловни патници останаа без можност да се вратат дома. Поради тоа, владите организираат специјални чартер-летови, но тие често се реализираат со ограничен капацитет и значително повисоки трошоци.

Зачлени се на нашиот е-билтен