Железничката станица во Нови Сад е изградена во 1964 година, по проектот на архитектот Имре Фаркаш. Објектот претставува армиранобетонска конструкција со монтажни покривни носачи, а негов составен дел беше натстрешницата што се урна врз луѓето. Нејзините греди од едната страна се потпирале на надолжна фасадна греда од конструкцијата на зградата на Железничката станица. На другиот крај, пак, тие со затеги биле „обесени“ на покривната конструкција. Деканот на Градежниот факултет во Скопје, проф. д-р Горан Марковски, кој е член на Катедрата за бетонски и за дрвени конструкции, вели дека
„Затегите биле составени од арматурна прачка обложена со бетон (најверојатно, во улога на заштита на арматурата од корозија) и цевчест профил. Не е јасно од кој материјал се изработени цевките и дали тие имале некаква конструктивна улога. Ваквиот конструктивен систем на натстрешницата не поседувал доволна робусност и затоа ломот (кинењето) на една затега предизвикал нарушување на стабилноста на целата нејзина конструкција. Токму од овие причини, состојбата на затегите била од суштинско значење за натстрешницата. Особено на оние места каде што имало потенцијал за нивна корозија (т.е. места во подолготраен контакт со вода), како што биле местата на нивното анкерување во покривните носачи“, вели деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски.
Тој посочува дека слична причина за лом имало и на мостот „Моранди“ во Џенова, во 2018 година, каде што попуштија кородираните коси затеги.
Марковски смета дека дополнителна причина за ненадејниот лом може да се бара во специфичностите на проектирањето во периодот на 60-тите години од минатиот век.
„Се работи за период што се карактеризира со тенденција за усвојување минимални резерви во арматурните пресеци, што значи дека сигурноста од евентуални проектантски или изведувачки грешки била минимална“, вели тој и посочува дека квалитетот на тогашните материјали бил далеку послаб од оној со кој располагаме денес.
Согледувајќи ги едновремено чувствителноста на конструктивниот систем на натстрешницата, споменатите специфичности на проектирањето, како и нејзината 60-годишна старост, која, најверојатно, придонесла за корозија, односно за деградација на затегите, Марковски констатира дека оваа конструкција требало да биде предмет на почести контроли и на редовно одржување, проследени со стручни анализи.
Професорот, за Вечер, вели дека во нашата земја постои голема група објекти што се проектирани во 60-тите години на минатиот век и сè уште се во употреба. Тие имаат сличен конструктивен систем и квалитет на материјалите со објектите од соседството. Проектирани се по исти стандарди и изложени се на слични климатски услови.