Еве зошто скопската гимназија го носи неговото име!

Во времето кога признавањето на македонскиот идентитет беше повеќе од државен ризик – беше идеолошки чин на храброст – Георги Димитров, тогашен премиер на Народна Република Бугарија, во 1947 година од собраниската говорница во Софија јавно зборуваше за македонскиот јазик, народ и иднина.

Во својот историски говор пред бугарското собрание во 1947 година, тој изјави:

„Во интерес на процесот на зближување и обединување на двете страни, нашата партија се согласи да биде воведен како задолжителен предмет официјалниот македонски јазик во сите училишта во Пиринскиот крај. Исто така, допуштив македонски учители од Скопје, како и македонски библиотекари, за да ја распространуваат литературата на македонски јазик. Тоа беше доказ дека нашата партија се однесува со најголема симпатија кон обединувањето на македонскиот народ. Нашата партија секогаш стоела цврсто на позицијата дека Македонија ѝ припаѓа на Македонците. Македонските револуционери, заедно со сите чесни македонски патриоти, се единствени и обединети дека Македонија ќе го зацврсти своето национално единство и ќе ја оствари својата иднина како слободна и рамноправна во рамките на федерацијата на јужните Словени!“

Овој говор остана запаметен како еден од ретките јавни документи во кои бугарски државник експлицитно го признава постоењето на македонски народ и македонски јазик.

Кој бил Георги Димитров?

Георги Димитров Михајлов (или Георги Михајлович Димитров во руските медиуми) е роден во Ковачевци, на 18 јуни 1882 година, а починал во РСФСР, на 2 јули 1949 година. Тој бил бугарски политичар со македонско потекло, раководител на Бугарската комунистичка партија и на Комунистичката интернационала, како и премиер на Народна Република Бугарија од 1946 година до својата смрт.

Димитров станал член на Бугарската работничка социјалдемократска партија во 1902 година, а по поделбата на „тесни“ и „широки“ социјалисти, се приклучил на првите. Во 1909 година бил избран за член на Централниот комитет и станал секретар на Сојузот на револуционерни синдикати.

По Октомвриската револуција, бугарските тесни социјалисти се приклучиле кон Коминтерната, а Димитров учествувал на нејзиниот Трет конгрес. По неуспешното Септемвриско востание во 1923 година, бил осуден на смрт и принуден да побегне во СССР.

Светската јавност го запозна преку Лајпцишкиот процес во 1933 година, кога германските нацисти се обидоа да ги обвинат комунистите за палењето на Рајхстагот. Димитров со својата храброст и интелигенција се одбрани и беше ослободен, стекнувајќи светска слава.

Подоцна, Сталин го постави за генерален секретар на Коминтерната, функција што ја вршел до нејзиното распуштање во 1943 година. По доаѓањето на Татковинскиот фронт на власт во 1944 година, се врати во Бугарија и во 1946 година стана премиер.

Во негово време, во декември 1946 година, бил спроведен првиот повоен попис во Бугарија – првпат Македонците од Пиринскиот крај добиле можност слободно да ја изразат својата национална припадност.

Зошто гимназијата во Скопје го носи неговото име

Во македонската историографија, Георги Димитров се смета за првиот бугарски челник кој официјално ја признал македонската националност и култура. Неговата поддршка на македонскиот јазик, наставата и културниот развој во Пиринска Македонија, како и неговата визија за братство меѓу јужните Словени, го направија симбол на еден редок историски момент

Зачлени се на нашиот е-билтен