Комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, допатува во Тирана, каде утре ќе се одржи Самитот за план за раст на Западен Балкан „Нашиот пат кон ЕУ“.
Оствари средби со премиерот Еди Рама, за која нема детали, со претседателот на законодавниот дом Нико Пелеши и министерската за Европа и надворешни работи, Елиса Спиропали.
На средбата со Пелеши, станало збор за напредокот на Албанија во процесот на европска интеграција и приоритетите по отворањето на сите преговарачки поглавја.
„Лесно е да се поддржи Албанија поради нејзините високи перформанси. Проширувањето ја прави Европа посилна. Албанија заврши одлична работа во последните години. Ние многу ја цениме поддршката од народот и политичкиот и парламентарниот консензус за интеграција во ЕУ“, оценила Кос, објави собраниската прес-служба.

Пелеши нагласил дека европската интеграција останува главна стратешка цел на Албанија.
„Европската интеграција е вкоренета во нашата историја и идентитет, во мотото на луѓето од ренесансата „за Албанија сонцето изгрева од запад“. Собранието ќе продолжи да го гарантира демократскиот легитимитет, транспарентноста и инклузивниот карактер на процесот. Како претседател на Собранието, ќе го поддржам пристапот и придонесот на опозицијата и граѓаните кон интеграцијата“, рекол тој.
На средбата на која присуствувале и неколку претседатели и потпретседатели на парламентарни комисии, оние од опозицијата ја потврдиле поддршката за европскиот пат на земјата, нагласувајќи ја неопходноста од зајакнување на демократските стандарди.
Средбата завршила со заедничка заложба за продолжување на преговарачкиот процес со стабилно темпо и за продлабочување на соработката со европските институции.
„Во пресрет на Самитот на ЕУ за планот за раст за Западен Балкан што ќе се одржи утре во нашата земја, ја пречекав во Тирана пријателката на Албанија, комесарката за проширување Марта Кос, жена која зрачи со енергија, посветеност и поддршка за вредностите, автентичноста и европската иднина на Албанија“, напиша Спиропали во објава на Фејсбук.
Таа објави и фотографија каде заедно двете се на прошетка низ Тирана и напиша: Со Марта низ Тирана.

