Европската унија од 1 јануари 2026 година целосно го воведува Механизмот за прилагодување на јаглеродот на границите (CBAM) – систем со кој ќе се оданочува увозот на „валкана енергија и производи“ од земји што не плаќаат доволно за емисиите на јаглерод диоксид. Целта е да се заштити европскиот пазар од производи со високо загадување, но ова претставува сериозна закана за економиите на Западен Балкан, кои и натаму во голема мера зависат од јаглен.
Според најновиот извештај на мрежата CEE Bankwatch Network, владите на Босна и Херцеговина, Србија, Северна Македонија и Црна Гора се целосно неподготвени за новите правила. Ако не воведат сопствени давачки на јаглерод и не започнат енергетска транзиција, регионот би можел да се соочи со „совршена бура“ – губење на извозни приходи, затворање на термоцентрали и длабоки социјални последици во рударските региони.
Според анализата, владите би можеле да избегнат дел од ударот ако навреме воведат домашна такса за јаглерод, со што би можеле да соберат и до 4,2 милијарди евра годишно – средства што би можеле да се искористат за зелена транзиција и помош на заедниците зависни од јаглен.
Денис Жишко од Архус центарот во БиХ вели дека властите долго го игнорирале проблемот:
„Наместо да се подготват, нашите власти ја турнаа главата во песок, надевајќи се дека тоа нема да се случи за време на нивниот мандат. Сега владее паника, бидејќи CBAM ќе ги погоди многу компании – некои можат дури и да банкротираат. И, како и обично, најмногу ќе страдаат граѓаните.“
Според правилата, увозниците на електрична енергија и други производи во ЕУ ќе мора да плаќаат за емисиите на јаглерод поврзани со нивното производство. Тоа значи дека увозот од земји што користат јаглен, нафта и гас ќе стане значително поскап.
Земјите на ЕУ што сега увезуваат струја од Западен Балкан – Италија, Хрватска, Унгарија, Романија, Бугарија и Грција – ќе мораат да најдат нови извори или да прифатат повисоки трошоци. Последица може да биде драстично намалување на извозот на електрична енергија од регионот, што ќе удри по приходите на енергетските компании.
Јоана Ќута од CEE Bankwatch Network предупредува дека до целосното воведување на CBAM остануваат само два месеци, а владите на Западен Балкан сè уште се надеваат на одложувања:
„Нема да има одлагање, ниту пак некоја земја е блиску до изземање од обврските. Време е да престанат да сонуваат и да почнат да дејствуваат.“
Приходите од CBAM ќе одат директно во буџетот на ЕУ. Ако извозот на струја остане на сегашното ниво, ЕУ би можела да инкасира речиси 1 милијарда евра годишно, додека земјите од Балканот нема да добијат ништо.
Пипа Галап од истата организација смета дека CBAM може да биде поттик за владите конечно да започнат со вистинска енергетска транзиција:
„Регионите што зависат од јаглен не смеат да бидат заборавени. Мора да се создадат нови економски можности, но засега ниту владите, ниту ЕУ издвојуваат средства за тоа. Тоа мора да се промени.“
