Европа ќе има нови остри санкции кон Русија

Европската Унија „следниот месец“ ќе преземе нови мерки против воената економија на Русија и ќе усвои нов пакет санкции кон Москва, објави на Х шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас. Најавата доаѓа по виртуелниот состанок на лидерите на ЕУ посветен на војната во Украина, одржан само ден по заедничката средба на европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.

Калас порача дека европското единство е „очигледно“ и дека безбедносните гаранции за Украина и санкциите против Русија ќе бидат меѓу приоритетите и на состаноците закажани за следната недела, кога ќе заседаваат министрите за надворешни работи и за одбрана на ЕУ. „На Путин не може да му се верува дека ќе одржи какво било ветување или обврска. Затоа безбедносните гаранции мора да бидат силни и сигурни за да ја одвратат Русија од реорганизирање и повторно напаѓање,“ напиша Калас.

Новите чекори следат откако во јули 2025 година ЕУ го усвои 18-тиот пакет санкции поврзани со руската инвазија врз Украина. Според најавите, Брисел сега се насочува кон дополнително таргетирање на капацитетите што ја хранат руската воена машина, паралелно со дискусиите за долгорочни безбедносни гаранции за Киев.

Зачлени се на нашиот е-билтен