Европа му го смрзна трговскиот договор на Трамп поради Гренланд

Европскиот парламент го стопираше процесот за ратификација и спроведување на трговскиот договор ЕУ–САД, реагирајќи на ескалацијата на притисоците од американскиот претседател Доналд Трамп околу Гренланд и Данска. Комитетот за меѓународна трговија на Европарламентот соопшти дека „немале избор“ освен да ја суспендираат работата на клучните законски предлози поврзани со договорот, сè додека Вашингтон не се врати на „кооперативен, а не конфронтациски“ пристап.

Во европската формулација, спорот одамна не е само дипломатски: заканите за територијалниот интегритет на земја-членка на ЕУ, плус користењето царини како инструмент на принуда, ја рушат предвидливоста на трговските односи и ја претвораат економијата во продолжение на геополитичкиот притисок.

Договорот, познат како „Тарнбери“ според местото каде што бил договорен минатата година, беше замислен како прекин на спиралата на царински закани меѓу двете страни. Во рамките на пакетот, САД задржаа привремена царина од околу 15% за значаен дел од европскиот извоз, додека ЕУ прифати укинување на царините за американски индустриски стоки и воведување царински квоти за дел од американските земјоделско-прехранбени производи што влегуваат на европскиот пазар.

РСЕ наведува дека Трамп ги објавил новите царински мерки на 17 јануари, откако дел европски држави јавно се спротивставиле на неговите намери за Гренланд и испратиле воен персонал на островот во поддршка на Данска и НАТО. Како таргетирани се посочуваат осум земји: Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Велика Британија.

Во Брисел, одговорот почнува да се црта во две паралелни линии: политичка порака и економска подготвеност. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Давос на 20 јануари порача дека евентуалниот европски одговор на американските царини ќе биде „непоколеблив, обединет и пропорционален“. Истовремено, во Европарламентот се гради став дека „бизнис како досега“ не е можен додека траат заканите, па гласањата и процедурите се поместуваат на неодредено.

Одделно, европратениците на 20 јануари договорија и формално одложување на ратификацијата, оценувајќи дека суспензијата е сигнал кој треба да ја погоди Белата куќа таму каде што најмногу боли — во бизнис-калкулациите. Изјава во Стразбур на претседателката на групата „Обнова“, Валери Хајер, оди во таа насока: компаниите тешко би се откажале од европскиот пазар ако конфликтот ескалира.

ЕУ, според истиот извештај, веќе има подготвено пакет контрамерки ако САД воведат царини, а меѓу опциите што се разгледуваат се и одмазднички тарифи во обем од 93 милијарди евра, како и формално „ставање на пауза“ на договорот од минатата година. Паралелно, лидерите на ЕУ најавија вонреден самит во Брисел, на кој централна точка ќе бидат заканите против автономната територија на Данска — Гренланд.

Зачлени се на нашиот е-билтен