Европска комисија ја подига рампата: Нова истрага против Икс поради Грок

Европската комисија отвори нова истрага против платформата Икс во рамки на Законот за дигитални услуги (Digital Services Act), додека истовремено ја прошири и постоечката истрага која е отворена против компанијата уште во декември 2023 година.

Целта на новата истрага е да се утврди дали Икс, пред да ја имплементира својата алатка за вештачка интелигенција Grok на платформата во Европската унија, ја анализирал можната штета и презел мерки за спречување на ширење на опасен или незаконски содржина.

Европската комисија посебно се фокусира на тоа дали на платформата се појавувале манипулирани сексуално експлицитни материјали и содржини кои би можеле да претставуваат сексуално злоставување на деца. Постојат индиции дека такви содржини веќе се појавувале, поради што корисниците во Европската унија можеле да бидат изложени на сериозна штета.

„Комисијата ќе провери дали Икс постапил согласно правилата, дали навремено ги оценил потенцијалните ризици и дали ги известил надлежните институции пред воведувањето на Грок“, соопшти Европската комисија.

Покрај тоа, истрагата е проширена и за да се испита како Икс ги одбира и препорачува објавите кои ги гледаат корисниците, вклучително и промените во начинот на прикажување на содржината по воведувањето на Грок.

Европската комисија истакнува дека покренувањето на истрагата не значи дека е донесена конечна одлука, туку дека овој процес ќе се третира како приоритет.

Зачлени се на нашиот е-билтен