Растечкиот долг, социјалните издатоци и слабата економска динамика се главните економски забелешки на Европската унија нотирани во најновиот извештај. Иако има мало закрепнување во првата половина на 2024 година, темпото на раст останува ниско, со бројни ризици кои бараат внимателно управување, се вели во извештајот на Европската комисија.
Јавниот долг продолжува да расте, а зголемувањето на платите и пензиите носи ризици за нов пораст на инфлацијата. Ново зголемување на цените на енергијата ќе удри силно врз домашната економија, оти земјава најмногу се потпира на увезена енергија, нотира извештајот.
„Економското закрепнување по пандемијата остана слабо. Годишниот раст на БДП се намали на околу 1% во 2023 година, што е намалување од 2,2% во 2022 година, поради слабата домашна побарувачка. Растот на потрошувачката на домаќинствата забави и покрај тоа што беше зајакнат со растот на платите и владина поддршка.“
Институциите немаат капацитет да управуваат со јавните набавки. Според извештајот, при тендерирање, често се применуваат нејасни практики во распределбата на договори за клучни проекти.
„Проектот Коридор 8 и 10Д продолжува да предизвикува загриженост во врска со употребата на Законот за стратешки инвестиции, за да се заобиколат регулативите за јавни набавки. Договорот за изградба на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на земјата беше директно доделен на меѓународен конзорциум без процес на конкурентно наддавање. Дополнително, договорот е означен како доверлив и не е објавен во јавност.“
Инфлацијата постепено се намали, а централната банка ја омекна монетарната политика. Според извештајот, Македонија треба да се фокусира на структурни реформи, кои се клучни за намалување на долгот и зголемување на економски раст, кој ќе го подобри животниот стандард на граѓаните.