Европската централна банка (ЕЦБ) одби да обезбеди гаранција за планираното финансирање на Украина во износ од 140 милијарди евра, со што дополнително ги комплицира напорите на Европската унија да го постигне таканаречениот „кредит за репарација“ користејќи замрзнати руски средства, пишува Фајненшл тајмс.
Според ФТ, извори запознаени со ситуацијата велат дека ЕЦБ проценила дека предлогот на Европската комисија го надминува опсегот на нејзината надлежност. Ова го отежнува пристапот на Брисел до средствата на руската централна банка, кои се блокирани во белгискиот депозитар „Евроклеар“, пренесува Ројтерс.
Планот на ЕУ предвидува руските замрзнати средства да се користат за обезбедување кредити на Украина за поддршка на обновата на земјата и зајакнување на нејзината економија.
Бидејќи ЕЦБ одби да застане зад тој аранжман, Комисијата ќе мора да бара други модалитети за финансирање или да започне нови преговори со земјите-членки. Засега нема официјални коментари ниту од ЕЦБ ниту од Европската комисија.
Силен притисок врз ЕУ
Одлуката доаѓа во време кога Европската Унија е под силен притисок да обезбеди пари за потребите на Украина во следните две години, додека Киев се соочува со сериозни финансиски недостатоци поради обновениот руски офанзивен притисок и паралелните дипломатски иницијативи на САД.
По почетокот на руската инвазија во 2022 година, ЕУ блокираше околу 210 милијарди евра руски средства. Сепак, Белгија се спротивставува на планот за користење на овие средства за обезбедување заем за Украина, предупредувајќи дека ако средствата се одмрзнат и Москва побара нивно враќање, Euroclear би можел да се најде во ситуација каде што не може веднаш да ги исплати парите.
Белгискиот премиер Барт де Вевер го нарече планот на Унијата „фундаментално погрешен“ и побара преостанатите 26 членки да се согласат на „правно обврзувачки, безусловни и неотповикливи гаранции на барање“ за рамномерно распределување на ризикот. Тој сака тие гаранции да бидат договорени пред самитот на 18 декември, кога треба да се одлучи за понатамошно финансирање на Украина.
Во исто време, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, предупреди дека користењето на замрзнатите руски средства за таканаречениот заем за репарација предизвикало „многу остра и болна“ реакција од Москва.

