Од извори од Брисел Рацин.мк има информација дека Европската комисија сѐ уште ја нема извршено промената на правниот застапник за Еразмус образовните програми во Северна Македонија, односно, се нема произнесено за именувањето на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус +).
Во врска со ова Рацин.мк побара и официјална информација од Делегацијата на ЕУ во Скопје за ова прашање.
Од таму ни одговорија:
„Во овој момент можеме само да повториме дека Европската комисија не беше вклучена во процесот на избор и номинирање на г-дин Богојески и сè уште го оценува назначувањето.“
Според нашите сознанија при постапката на именување/избор на директор на НА за европски образовни програми и мобиност (Еразмус +), Европската Комисија не мора(ла) да биде вклучена во процесот, но дека во досегашната пракса било вообичаено за изборот на првиот човек на агенцијата да даде оценка и Европската Комисија.
Изворот на Рацин.мк не сакаше да коментира какви последици ќе има доколку ЕК донесе негативно мислење за изборот/именувањето на Богојески.
Информациите на Рацин.мк говорат дека, најверојатно, Европската Комисија интерно ќе ја известат Владата дека за нив не е прифатливо именувањето на лице кое не ги почитува вредносите на ЕУ, да ја предводи Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус +).
Како што е познато, именувањето на Петар Богојески за директор на оваа агенција предизвика широки реакции во јавноста поради неговите изјави со вознемирувачки говор, навреди и говор на омраза, како постапки кои се спротивни на европските вредности.
За трите програми на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус +) во 2025 година се предвидени нешто повеќе од 7,7 милиони евра од фондовите за образование и за мобилност на Европската унија.