Европската комисија е запознаена со блокадите што ги организираа камионџиите од Западен Балкан на граничните премини кон Србија и Босна и Херцеговина, поради тврдењата дека новиот систем за влез и излез од ЕУ (EES) е дискриминаторски кон возачите од регионот.
Портпаролот на Комисијата, Маркус Ламерт, за Н1 изјави дека EES не воведува нови правила за престој во Шенген зоната, туку има за цел поусогласена примена на веќе постоечките прописи и поефикасно откривање на неправилности.
„Внимателно ја следиме ситуацијата и сме во контакт со партнерите во регионот. Системот не ги менува правилата за должина на престој во Шенген, туку овозможува нивна подобра и систематска примена“, истакна Ламерт. Тој додаде дека државјаните на земјите кои имаат безвизен режим со ЕУ можат да престојуваат во Шенген зоната најмногу 90 дена во секој период од 180 дена, додека за подолг престој е потребна долгогодишна виза или посебен национален аранжман.
Ламерт напомена дека овие правила важат еднакво во целата Шенген зона и дека Шенген предвидува одредена флексибилност за прекугранични работници. Меѓутоа, постои проблем за професии кои бараат често и подолг престој во ЕУ, како што се возачите на камиони, но и спортисти или уметници на турнеи.
„Прашувањето за третманот на овие професионалци е поврзано со националните правила на државите членки, како и со постојните билатерални договори. Европската комисија му посветува целосно внимание на овој проблем“, додаде Ламерт.
Тој истакна дека работата на ова прашање е во тек и дека е дел од пошироката дискусија при подготовката на новата визна стратегија, чија презентација се очекува подоцна оваа недела.
Европската комисија најави дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата и ќе остане во контакт со земјите од Западен Балкан.