Европската Унија го заострува својот став кон мигрантите, ја поедноставува процедурате за нивно враќање

Според новите правила, се воведуваат посебни мерки за лицата кои претставуваат безбедносен ризик. На нив може да им се забрани влез подолго од вообичаениот максимум од десет години, или дури и на неодредено време

Европскиот совет денес постигна договор за закон со кој се забрзуваат и поедноставуваат процедурите за враќање на лицата кои нелегално престојуваат во земјите-членки.

Советот исто така, постигна договор за таканаречениот базен за солидарност за 2026 година за да им помогне на членовите кои се под силен миграциски притисок.

Регулативата воведува процедури на ниво на ЕУ за враќање на лица кои нелегално престојуваат во земјите на Унијата, воведува обврска за оние кои немаат право на престој и воспоставува алатки за соработка меѓу земјите-членки, според соопштението за медиумите на Европскиот совет.

„Три од четири нелегални мигранти на кои им е издадена одлука за враќање во ЕУ продолжуваат да остануваат тука наместо да се враќаат дома. Воодушевен сум што се согласивме за нови регулативи за враќање“, изјави данскиот министер за имиграција и интеграција, Расмус Стоклунд.

Тој изрази верување дека новите регулативи значително ќе влијаат на бројот на мигранти кои нелегално престојуваат во Унијата и истакна дека за прв пат државјаните на трети земји кои нелегално престојуваат во ЕУ ќе имаат обврски. Тој исто така рече дека земјите-членки ќе имаат многу подобри алатки, така што ќе можат да ги држат луѓето во притвор подолго и да имаат подолги забрани за влез.

„Покрај тоа, денешниот договор ќе им овозможи на Европската Унија и на една или повеќе земји-членки да склучат аранжман или договор со трета земја за центри за враќање“, додаде данскиот министер.

Според новите правила, се воведуваат посебни мерки за лицата кои претставуваат безбедносен ризик. На нив може да им се забрани влез подолго од вообичаениот максимум од десет години, или дури и на неодредено време, а исто така може да бидат притворени, што исто така може да биде подолго од вообичаеното.

Исто така, се воведува регулатива дека одлуката за враќање донесена во една земја-членка важи во сите други земји-членки. Ќе се воведе европска наредба за враќање (ЕРО).

Врз основа на договорот постигнат денес, Советот на ЕУ ќе започне преговори со Европскиот парламент во врска со усвојувањето на конечниот правен акт.

Земјите-членки на ЕУ денес постигнаа политички договор за воспоставување годишен „фонд за солидарност“ за 2026 година.

„Фонот за солидарност“ е еден од основните елементи на Пактот за миграција и азил на Европската Унија и им обезбедува поддршка на оние земји-членки кои се под притисок од мигранти, според соопштението на Европскиот совет.

Кога Пактот ќе стапи во сила на 12 јуни 2026 година, европскиот систем за азил ќе стане поефикасен. Од една страна, пактот има јасни правила за одговорност за обработка на барањата за азил, а од друга страна, неговата цел е да ги намали нелегалните влезови и да обезбеди мерки за солидарност меѓу земјите-членки за да се олесни товарот на земјите каде што пристигнуваат најмногу мигранти, според соопштението на Европскиот совет.

На долг рок, Пактот ќе помогне во намалувањето на миграцискиот притисок врз сите земји-членки.

Европската комисија заклучи врз основа на проценките дека Кипар, Грција, Италија и Шпанија се под миграциски притисок и дека овие земји можат да имаат корист од мерките за солидарност од „фондот за солидарност“.

Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија и Полска се идентификувани како земји кои се соочуваат со тешка миграциска ситуација поради кумулативниот миграциски притисок од претходните години. Тие имаат можност да побараат целосно или делумно намалување на нивниот придонес во „фондот на солидарност“.

„Фондот на солидарност“ треба да собере 420 милиони евра за земјите кои се соочуваат со поголем миграциски притисок, вклучувајќи ги Кипар, Грција, Италија и Шпанија.

Првиот годишен циклус за управување со миграцијата започнува со имплементација на 12 јуни 2026 година. Референтните бројки за „фондот на солидарност“ за 2026 година се 21.000 преселби или други мерки за солидарност или 420 милиони евра финансиски придонеси, се вели во соопштението на Европскиот совет.

„Важно е луѓето да го вратат чувството дека имаме контрола врз она што се случува. Се прави сè за да се воспостави ред во европската куќа“, рече Магнус Брунер, комесар на ЕУ за миграција.

Министрите денес брзо се согласија за концептот на „безбедна трета земја“ и список на безбедни земји на потекло, рече министерот Стоклунд. Ова значи дека земјите од ЕУ можат да одбијат престој и да ги депортираат мигрантите затоа што или доаѓаат од безбедна земја или можат да аплицираат за азил во земја надвор од ЕУ, објавува агенцијата АП.

„Ќе можеме да ги одбиеме луѓето кои немаат причина за азил во Европа, а потоа ќе ни биде можно да создадеме механизми и процедури што ќе ни овозможат побрзо да ги вратиме. Шверцерите со луѓе не треба да го контролираат пристапот Европа, туку европскиди влади избрани од европскиот народ“, рече Стоклунд.

Зачлени се на нашиот е-билтен