– Европската унија одобри нов пакет санкции против Русија, што вклучува забрана за увоз на руски дијаманти во ЕУ, се наведува во соопштение.
Европските лидери на самитот во Брисел го поздравија усвојувањето на новиот пакет, 12-ти од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Москва е обвинета дека делумно ја финансирала војната против Украина со профитабилната трговија со дијаманти, што овозможува обрт од околу пет милијарди долари годишно.
Забраната на ЕУ се однесува на увоз на природни и синтетички дијаманти и накит од јануари 2024 година, како и на руски дијаманти сечени во други земји од септември 2024 година.
ЕУ ќе преземе и мерки за подобрување на ефективноста на санкциите за увозот на руска нафта.
Западните земји одлучија да го забранат секој увоз на руска нафта над цената од 60 долари за барел.
Европските дваесет и седум земји, исто така, одлучија да ги прошират санкциите и на увозот на течен нафтен гас (ТНГ).