Денес, 26 септември, Европа го одбележува Европскиот ден на јазиците – празник што од 2001 година потсетува на значењето на странските јазици и богатата јазична разновидност на континентот.
По овој повод, Британскиот совет го објави својот најнов извештај за употребата на различни јазици на часовите по англиски јазик. Според нив, „разумната употреба“ на други јазици не само што не го нарушува, туку може и значително да го подобри процесот на учење англиски.
Овој пристап подразбира наставниците и учениците внимателно да одлучуваат кога и како да користат друг јазик – во зависност од возраста, нивото на познавање на англискиот и индивидуалните преференции.
Во текот на дваесеттиот век доминираше таканаречениот „еднојазичен пристап“, односно „само англиски“. Но, новите истражувања и експертските мислења јасно покажуваат дека повеќејазичниот модел носи бројни придобивки: создава потопла и поддржувачка училница, ја намалува анксиозноста, ја поттикнува автономијата во учењето, ги развива преведувачките вештини и дури заштедува време.
Со тоа, пораката на денешниот ден е јасна – јазичната разновидност е богатство што треба да се негува, а повеќејазичноста е алатка за подобро учење и поголема меѓусебна поврзаност.